Лоши вести за Македонците: Германија планира двојно да ја намали квотата за работници од Балканот

Наместо олеснувања, Берлин подготвува „рампа“: „Западнобалканската регулатива“ се крати на половина, што за македонските граѓани ќе донесе подолги чекања за виза и многу поголема конкуренција.

Германија се подготвува значително да ја скрати квотата за работници од Западен Балкан. Оваа мерка директно ќе ги погоди и македонските граѓани кои планираат да заминат на работа преку популарната „Западнобалканска регулатива“. Според најавите, новата владина коалиција на CDU/CSU и SPD планира годишниот лимит на работници да се намали од сегашните 50.000 на 25.000 лица, враќајќи го системот на старото ниво од пред две години.

Оваа регулатива со години е една од наједноставните и најкористените патеки за легално вработување во Германија, бидејќи им овозможува на граѓаните од Македонија, Албанија, БиХ, Косово, Црна Гора и Србија да добијат работна виза дури и без формално признаена квалификација (диплома) – под услов да имаат конкретна понуда од работодавач и одобрение од германската Агенција за вработување.

Официјалното образложение за овој чекор е зголемениот тренд на невработеност во самата Германија и желбата за построга контрола врз трудовата миграција. Сепак, ваквиот потег отвора сериозна контрадикторност во германската јавност. Германските работодавачи веќе подолго време алармираат дека земјата и понатаму се соочува со огромен дефицит на работна сила во клучните сектори како градежништвото, угостителството и услужните дејности, па затоа бараат флексибилен систем наместо нови административни бариери.

За македонските граѓани, ова претставува сериозен удар бидејќи кратењето на квотата на половина автоматски значи многу поголема конкуренција, значително подолги чекања за виза и помал простор за добивање на фамозните термини за амбасада. Бидејќи визите се распределуваат по месечни лимити за секоја земја поединечно, процесот за заминување во Германија ќе стане екстремно тесен.

Добрата вест во целиот овој процес е што најавеното намалување сè уште не е стапено на сила, бидејќи за него се потребни законски измени за кои германската влада сè уште нема прецизен временски план. Тоа значи дека во моментов сè уште важи квотата од 50.000 одобренија на годишно ниво, но политичкиот сигнал од Берлин е повеќе од јасен: Германија поставува многу построг филтер за работната сила од Балканот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс