Додека есента допрва започнува, а новогодишните празници сè уште изгледаат далеку, „Лонли планет“ веќе гледа кон 2027 година. Познатиот туристички водич ја објави листата „Бест ин травел 2027“, со 50 дестинации и искуства кои ги избрала глобалната заедница на туристички експерти на „Лонли планет“.
Еден од трендовите што се издвојува е желбата за патувања со поспоро темпо – помалку туристички метеж, повеќе локални искуства и места кои не се нужно првите што ви паѓаат на памет кога размислувате за одмор. А меѓу препораките има и неколку прилично неочекувани имиња.
Шибеник наместо најпознатите хрватски хитови
Хрватска годинава е претставена со Шибеник, град кој „Лонли планет“ го издвојува како дестинација за патници што сакаат историја, море и помирна атмосфера. Но, Шибеник е само едно од изненадувањата.
Во Карибите се најде Монсерат – остров кој често останува надвор од главните туристички рути. Познат е по смарагдно зелените планински врвови, плажите со црн песок и драматичната историја обликувана од вулканските ерупции. На Малдивите, пак, „Лонли планет“ го издвојува Фулиду како поевтина и полокална алтернатива на класичната слика за земјата со луксузни приватни островски ризорти.
Од Канада до Јапонија
Квебек во Канада е на самиот врв на листата, благодарение на комбинацијата од европски шарм, француско-канадска култура и огромни природни пространства. Во САД се издвоени Мериленд, со својата крајбрежна традиција, морската храна и зелените предели, како и северниот дел на Калифорнија со шумите од секвоја.
Јапонската Окинава е препорачана поради специфичната островска култура и природата која во многу нешта се разликува од остатокот на Јапонија. Во Кина, Ченгду се издвојува со чајџилниците, пандите и познатата опуштена атмосфера.
Африка, Блискиот Исток и Латинска Америка
Меѓу препораките се и националните паркови Цаво Исток и Цаво Запад во Кенија, познати по огромните савани со црвена почва и големите стада слонови. Во Мароко, главниот град Рабат е изборот на „Лонли планет“ – град во кој се мешаат историски знаменитости, градини, модерна архитектура и песочни плажи погодни за сурфање.
Оман исто така се најде на листата, додека во Јужна Америка се издвоени Барилоче и околните езера во Аргентина и Гранада во Никарагва.
25-те најдобри дестинации за 2027 година
- Квебек, Канада
- Северниот брег на Калифорнија и шумите од секвоја, САД
- Мериленд, САД
- Островот Принц Едвард, Канада
- Ново Мексико, САД
- Венето, Италија
- Десау, Германија
- Сканер-Фалстербо, Шведска
- Шибеник, Хрватска
- Леон, Шпанија
- Монсерат
- Барилоче и околните езера, Аргентина
- Гранада, Никарагва
- Бокас дел Торо, Панама
- Оман
- Рабат, Мароко
- Националните паркови Цаво Исток и Цаво Запад, Кенија
- Данидин и Ваитаки, Нов Зеланд
- Твид, Австралија
- Нова Каледонија, јужен Пацифик
- Окинава, Јапонија
- Ченгду, Кина
- Гуџарат, Индија
- Да Нанг, Виетнам
- Фулиду, Малдиви
Изборот на „Лонли планет“ покажува дека патувачките трендови постепено се оддалечуваат од класичната трка по најпознатите туристички атракции. Сè повеќе внимание добиваат места каде што патникот може да остане подолго, да ја почувствува локалната култура и да избегне најголемиот туристички метеж.