Битолската чаршија повторно беше центар на музиката и добрата атмосфера, каде Локум фест со концертите на „Кафе де Анатолија“, Били Естебан, Александар Јовевски, севдах составот „Диванхана“ од Сараево и диџеј сетот на Били Естебан го одбележа своето 20. издание токму на местото каде што фестивалот започна пред две децении.
Организаторите велат дека ова било симболичен начин фестивалот да ѝ се оддолжи на битолската чаршија за духот, атмосферата и поддршката што ја добивал низ годините.

„Кога гледате радосни лица кои играат и се веселат, знаете дека мисијата е успешна. Голема благодарност до сите што помогнаа да се случи Локум фест – од дуќанџиите, тимот, мајсторите за бина, транспорт, звук и светло, како и до Општина Битола, БИТ ФЕСТ и Министерството за култура и туризам, без чија поддршка фестивалот немаше да стигне до ова јубилејно издание“, порача организаторот.
Посебно внимание привлече настапот на етно проектот „Кафе де Анатолија“, кој преку спојот на органик хаус музика и етно елементи ја разигра публиката. Продукцијата денес соработува со повеќе од 4.000 диџеи и продуценти од светот, располага со каталог од над 6.000 композиции и е меѓу најуспешните музички издавачки куќи на Јутјуб со 31 Creator Award.
„Кафе де Анатолија“ е основана од Зоран Илиев – Били Естебан, заедно со неговите деца Моника и Никола Илиев во 2017 година, додека идејата за проектот започнала уште во 2009 година.
На сцената настапи и познатата македонска вокалистка Габриела Новевска, која истакна дека секогаш со задоволство се враќа на Локум фест.
„Мило ми е што повторно сум во Битола. Во изминатите години настапував со ‘Монистра’, со Александар Јовевски, а сега и со ‘Кафе де Анатолија’. Со Александар соработуваме повеќе од 20 години, а последните години и со Били Естебан. Пред сè треба да си го чуваме и промовираме она што е наше, за и странците да можат да го препознаат и почитуваат. Му го честитам јубилејот на фестивалот и посакувам уште многу успешни изданија“, изјави Новевска.
Јубилејното издание на Локум фест уште еднаш потврди дека Битола останува еден од најзначајните центри за промоција на традиционалната и современата етно музика, привлекувајќи домашни и странски уметници и публика.