Отворањето ќе го одбележи настап на грчкиот ансамбл „10-те бузуки на Домна”, во Хераклеја, под ѕвезденото небо на Античкиот театар. Публиката ќе слуша уникатен спој на традиција, емоција и виртуозност, преку звуци на десет бузуки, гитара, контрабас, впечатливи вокални изведби, и придружна танцувачка група.
Ансамблот „10-те Бузуки на Домна” (Ta 10 Bouzoukia tis Domnas) е меѓу најпознатите грчки состави специјализирани за традиционална и современа грчка музика, со бузуки инструментот во главна улога. Го основал Јанис Карасавас, а денес го сочинуваат врвни музичари и виртуози на бузуки, кои низ своите концерти ја пренесуваат богатата музичка традиција на Грција. Во нивниот репертоар влегуваат rеbetiko, лаико, народни песни од различни региони на Грција, како и современи композиции инспирирани од традиционалните музички форми.
Настапувале на бројни фестивали и културни манифестации во Грција и странство, препознатливи по енергичната интерпретација и автентичниот музички израз. Секој нивни концерт е своевидно патување низ историјата и културата на Грција, кое ја пренесува атмосферата на грчките острови, градови и традиционални свечености.
Настанот има и поширока цел, интензивирање на пограничната културна соработка како алатка за развој на културниот туризам, преку промовирање на културното наследство и традицијата како атрактивен туристички мотив, заложба која „Локум фест” ја негува веќе со години. Концертот е резултат на соработка со Амбасадата на Република Грција во Скопје и Генералниот конзулат во Битола.
„Локум фест” е проект поддржан од Министерството за култура и туризам и Општина Битола, а годинава се одржува во рамки на Бит фест, од 16 до 18 јули. Втората и третата вечер се резервирани за концерти во автентичната атмосфера на Старата битолска чаршија, местото каде пред дваесет години сè започна.