Љутков седнува на маса со синдикатите пред најавениот протест

Во меѓувреме, Синдикатот на културата на Македонија најави протест за 16 април пред Министерството за култура, обвинувајќи за непочитување на колективните договори и институционално игнорирање на културните работници
фото: Драмски театар

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека ќе се одржи состанок со синдикатите, во обид да се намали тензијата околу Колективниот договор за култура, прашање кое повторно ја разгоре атмосферата во секторот и доведе до најавен протест пред Министерството.

Љутков појасни дека не станува збор за укинување на колективниот договор, туку за постапка на негово преиспитување од страна на Уставниот суд, поради што, како што рече, е неопходен дијалог со сите засегнати страни.

„Прво, не е укинат Колективниот договор за култура, туку Уставниот суд донесе одлука за преиспитување. Уште денеска испративме порака до синдикатите и веќе утре ќе ја реактивираме работната група што постои од претходно. Ќе имаме заеднички состанок и нема да давам одвоени ставови додека не седнеме заедно и не најдеме решение како ќе одиме понатаму. Средбата е планирана за утре попладне“, изјави Љутков при посетата на почетокот на реконструкцијата на улицата „Самарџии“ во Старата скопска чаршија.

Во меѓувреме, Синдикатот на културата на Македонија најави протест за 16 април пред Министерството за култура, обвинувајќи за непочитување на колективните договори и институционално игнорирање на културните работници.

Според синдикатот, проблемот не само што не е решен, туку се продлабочува, особено поради начинот на пресметка на платите. Претседателката на СКРМ, Вера Атанасовска, за Телма изјави дека со зголемувањето на минималната плата, „оштетувањето“ кај платите годинава достигнува околу 6 отсто, наспроти околу 3 отсто минатата година, што синдикатот го гледа како продолжување на истиот структурен проблем.

Од друга страна, министерот Љутков тврди дека Министерството веќе по трет пат дало позитивна оценка за Колективниот договор, но нагласува дека документот е застарен и не одговара на реалните потреби на секторот. Тој ги повика синдикатите на нови преговори за изработка на нов текст, посочувајќи дека платите во културата, според пресметките на Министерството, се зголемени за околу 12 отсто.

Токму тука се отвора клучниот судир меѓу двете страни: додека Владата зборува за раст и нов почеток, синдикатите предупредуваат дека постојните права се релативизираат и дека реалната состојба на вработените во културата се влошува.

Утрешната средба ќе покаже дали дијалогот ќе го смири незадоволството или ќе го отвори патот кон најавениот протест пред Министерството за култура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни