Покрај настапите во откачените костими од месо и експерименталните фустани, Лејди Гага изминативе години изгради глобален систем за помош на младите во криза. Заедно со нејзината мајка Синтија Џерманота, пејачката ја раководи фондацијата „Born This Way“, која финансира локални организации, спроведува истражувања за заштита на психата и нуди бесплатни обуки за препознавање знаци на депресија и анксиозност.
Фондацијата „Born This Way“ започна со работа во февруари 2012 година со почетна лична донација од 1,2 милиони долари од Лејди Гага. Името е преземено од нејзиниот истоимен албум и хит кој стана химна за прифаќање на сопствениот идентитет. Основањето произлезе од разговорите што уметницата и нејзината мајка ги воделе со млади луѓе за време на турнеите, каде што се соочиле со приказни за вршничко насиство, осаменост и изолираност.
Покрај финансирањето, пејачката јавно говореше за сопственото искуство со депресија, анксиозност и посттрауматско стресно нарушување, откривајќи дека била жртва на сексуално насилство на 19-годишна возраст. Со споделувањето на својата приказна, таа придонесе за намалување на стигмата околу побарувањето професионална помош.
Меѓу клучните проекти на фондацијата е и бесплатниот интернет курс „Be There Certificate“, развиен во соработка со канадската организација Jack.org. Курсот ги учи младите како сочувствително да разговараат со своите врсници кои минуваат низ тешки периоди и како да ги упатат до соодветни стручњаци.
До пролетта 2026 година, повеќе од 100.000 луѓе ширум светот го имаат завршено овој програм. Според податоците од интерниот извештај на фондацијата за 2024 година, речиси 80 проценти од учесниците во првите шест месеци го примениле стекнатото знаење за да помогнат на некој од нивното опкружување.
Иако фондацијата во почетокот се соочуваше со критики за трошоците за промоција и организација, со текот на времето се претвори во значаен финансиски поддржувач на локалните невладини сектори. Преку посебни фондови, организацијата додели пет милиони долари за над 60 организации во 2024 година, како и дополнителни пет милиони долари за 55 организации во 11 земји во текот на 2025 година.
Помошта е насочена кон спречување на бездомништвото кај младите, обезбедување безбедни простори и директна психолошка помош. Меѓу последните донации на почетокот од 2026 година се и грантовите од по 100.000 долари за две организации од Варшава кои работат со заштита на младите од дискриминација и сузбивање на бездомништвото.