„Леб и сол“ и „Паркети“ на Кумановска гитаријада

Групите „Леб и сол“ и „Паркети“ ќе настапат на годинешното издание на Кумановска гитаријада, која ќе се одржи во петок на игралиштето Соколана во Куманово.

„Концертот ќе започне во 20 часот со настап на нашиот сограѓанин соло- гитаристот Анди, за да подоцна следуваат настапите на „Паркети“, рок-панк бенд и легендарните „Леб и сол“, кои многу долго време немаат настапувано во нашиот град“, изјави в.д. директорот на Фондацијата за култура и спорт Марио Арангеловски.

Во рамките на одбележување на празник 11 Октомври, во петок и сабота, ќе се одржат повеќе културно-забавни манифестациии. 

Во петок во 10 часот на Градскиот плоштад ќе биде отворена изложба на стари автомобили, олдтајмери во организација на клубот „Витези“.

Во 12 часот во паркот Соколана ќе започне фестивалот „Куманиум 2024“, со три часовна програма за деца, со многу музика, жонглери, аниматори, маскоти од најпопуларни цртани филмови и видео игри.

Во сабота  во 18 часот  е „АртАтак“ фестивалот со едночасовен стендап настап на Бојан Велевски на спортските игралишта во Соколана. Подоцна ќе се одржи кино проекција на македонскиот филм „Авек ламур“ (Со љубов), документарен филм на режисерот Илија Цветковски и продуцентот Атанас Георгиев.

Сите најавени настани предвидено е да се одржат на отворено, па во случај на лоши временски услови настаните ќе се одржат во Занаетчискиот дом.

Од општинската каса ќе бидат потрошени 755.000 денари, односно повеќе од 12 илјади евра за сите предвидени настани. Куманиум добива 155.000 денари, Гитаријадата и Арт атак фестивалот по 300.000 денари. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни