„Холивуд репортер“ го вклучи филмот на Срѓан Јаниќијевиќ меѓу светските премиери во Олденбург

„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е поименично наведен во првиот избор на филмови што го објави угледниот американски магазин. Светската премиера е закажана за 17 септември, а втората проекција ќе се одржи следниот ден.

Македонскиот филм „Нема да ви се верува што се случи претходно“ на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ се најде во „Холивуд репортер“, во текст посветен на првиот избор филмови за 33. Меѓународен филмски фестивал во Олденбург.

Угледниот американски магазин го вклучува филмот меѓу најавените светски премиери на годинашното флско издание и го претставува како „политички трилер сместен во Северна Македонија“ од дебитантскиот режисер Срѓан Јаниќијевиќ. Филмот е наведен заедно со новите остварувања на Борис Мојсовски, Милиса Фицсимонс и Мајкл Полиш.

Две проекции на фестивалот

Светската премиера на „Нема да ви се верува што се случи претходно“ ќе се одржи на 17 септември во 21:30 часот во киното hof/19. Втората фестивалска проекција е закажана за 18 септември во 16:30 часот во Cine k/Studio.

Како што Трн претходно објави, филмот е избран во официјалната конкуренција на фестивалот. Годинашното издание на Меѓународниот филмски фестивал во Олденбург ќе се одржува од 16 до 20 септември.

Политички трилер за новинарството и моќта

Приказната започнува кога компромитирачка видеоснимка, која може да разоткрие корумпиран автократ, завршува во рацете на двајца своеглави новинари. Нивниот обид да останат чекор пред противниците се претвора во хаотично патување исполнето со предавство, уцени и убиства.
Филмот ги спојува напнатоста на политичкиот трилер, црниот хумор и структурата на неконвенционален филм на пат. Од фестивалот го опишуваат како остроумна и непредвидлива приказна за новинарството, моќта и крајностите до кои луѓето се подготвени да одат за да ги зачуваат своите тајни.

Срѓан Јаниќијевиќ, автор со повеќедецениска кариера

Срѓан Јаниќијевиќ е еден од најразновидните македонски автори, со повеќедецениско искуство како режисер, актер, драматург и сценарист во театарот, филмот и телевизијата. Со „Нема да ви се верува што се случи претходно“ тој го прави своето долгометражно режисерско деби и излегува на меѓународната сцена со филм што го забележа и „Холивуд репортер“.

Фестивалот познат како „германски Санденс“

Филмскиот фестивал во Олденбург повеќе од три децении е препознатлива европска платформа за независната кинематографија и за автори кои работат надвор од главните филмски текови.
„Холивуд репортер“ го опишува како еден од водечките фестивали на независниот филм, додека „Варајети“ го нарекува „германски Санденс“ и еден од најнеконвенционалните фестивали во Европа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс