Силна промена на времето денеска зафати делови од северна Италија и Словенија, а невремето веќе се прошири и кон Хрватска. Студениот фронт донесе пороен дожд, град и силни налети на ветер, додека надлежните служби предупредуваат на опасност од локални поплави.
На северот на Италија најтешко е погодена Ломбардија, каде што е прогласено портокалово метеоролошко предупредување. Во подрачјето на Бреша пожарникарите извршиле околу 50 интервенции поради паднати дрвја, поплавени објекти и штета предизвикана од ветерот и дождот.
Невреме проследено со град во текот на ноќта ја погодило и долината Вал Камоника. Во Милано силниот дожд, грмежите и ветерот почнале рано изутрината, поради што градските власти донеле одлука привремено да ги затворат парковите. Интервенции поради паднати дрвја биле регистрирани и во Комо.
Силни врнежи ја зафатија и Словенија. Најсилните налети на ветер покрај словенечкиот брег достигнувале околу 50 километри на час, додека на метеоролошката станица Канин, во високите планински предели, бил измерен налет од 103 километри на час.
Словенечката агенција за животна средина АРСО првично издаде портокалово предупредување за Приморскиот Регион, а потоа го прошири на поголем дел од земјата поради опасност од обилни врнежи.
Промената на времето пристигна и во Хрватска. Силен дожд го зафати подрачјето на Риека, додека во Загреб дува силен ветер. Во парк во близина на плоштадот „Фрањо Туѓман“ било соборено дрво.
Хрватската метеоролошка служба предупреди на можни грмежи, поројни поплави, град и силни налети на ветер. За Истра и Кварнер е активирано портокалово предупредување, а локално се можни налети посилни од 65 километри на час.
Невремето е последица на студен фронт кој од запад, преку северна Италија и Алпите, се движи кон Словенија, Хрватска и останатиот дел од Западен Балкан. Судирот на студениот воздух со топлата и влажна воздушна маса создава услови за развој на силни грмежливи системи и големо количество дожд за кратко време.