Охрид денеска на протест против фемицидите: „Доста е молк“

Собирот почнува напладне на градскиот плоштад, со повик за заштита на жените и навремено постапување на институциите.

Денеска, сабота, 21 ноември, во Охрид ќе се одржи мирен граѓански протест против фемицидите, родово базираното и семејното насилство. Собирањето е во 12 часот на плоштадот „Св. Климент Охридски“, а настанот е најавен до 14 часот.

Протест против фемицидите

Повикот следува по неодамнешниот случај на насилство врз млада жена во Охрид, кој предизвика загриженост и револт во јавноста.

Организаторите бараат конкретни мерки за заштита на жените, поголема институционална одговорност и прекинување на молкот за насилството. Пораката е дека заштитата треба да дојде навреме, пред насилството да остави нови жртви.

Од плоштадот до полицијата

Од плоштадот е најавена поворка до СВР Охрид, каде што ќе бидат упатени барања за сериозно третирање на пријавите и навремена реакција.

Во повикот се бараат и транспарентност, темелно испитување на сомнежите и одговорност во институционалното постапување. Овие барања организаторите ги поврзуваат со правото на жените да живеат без страв.


Собирот е најавен како мирен и граѓански, без партиски обележја и пропаганда. Организаторите повикуваат учесниците да придонесат за достоинствен протест, без провокации, насилство и навредлив говор кон жртвите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс