Леа Ипи доаѓа во Скопје како лауреат на „BookStar“ 2026

Познатата филозофка и професорка ќе ја прими наградата за книгата „Слобода“ на преднастанот на фестивалот на 24 август во Скопје.

Професорката по политичка теорија на Лондонската школа за економија, Леа Ипи, на 24 август доаѓа во Скопје. Нејзиното гостување е првиот преднастан на меѓународниот книжевен фестивал „BookStar“ 2026. Таа ќе ја прими главната награда за нејзиното повеќекратно наградувано мемоарско дело „Слобода“, а настаните ќе се одржат во културниот центар „Лабораториум“.

Книгата „Слобода“ е спој на филозофско истражување и лично искуство од детството во Албанија во периодот на комунизмот и транзицијата. Ипи ги преиспитува границите меѓу личната и политичката слобода и начинот на кој општествата го сфаќаат слободниот избор. Писателката и универзитетска професорка Ивана Трајаноска ќе зборува за одлуката делото да биде прогласено за добитник на наградата за најактуелна книга на годинашното издание на фестивалот.

Свеченото доделување на наградата е закажано за 19 часот во „Лабораториум“. По чинот на доделување следува разговор со авторката, модериран од писателката и преведувачка на книгата на македонски јазик, Калина Малеска. Дискусијата ќе се одвива на англиски јазик и ќе се фокусира на односот меѓу сеќавањето и историските настани. Истиот ден во 18 часот, Ипи ќе гостува во книжевниот поткаст на „Антолог“ насловен „Гол ручек“, кој го води книжевниот критичар Душко Крстевски.

Двете средби со Ипи се вовед во 12 издание на Фестивалот на европска литература, чија главна програма ќе се одржи од 28 до 30 септември во Скопје под мотото „FREE AT LeAST?“. Инспириран од зборовите на Мартин Лутер Кинг Јуниор, фестивалот ја поставува слободата како отворено прашање за правата, привилегиите и одговорностите во современиот свет. Дизајнот на годинашното издание е дело на графичкиот уметник Бранко Прља, а целокупниот настан е поддржан од повеќе домашни и меѓународни институции, меѓу кои Министерството за култура и туризам и делегацијата на Европската Унија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс