Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави денеска дека секој евентуален напад на европските држави врз Русија би довел до сосема поинаков судир, кој според него би траел многу кратко. Говорејќи на Меѓународниот младински фестивал, Лавров предупреди дека распоредувањето западни воени единици на украинска територија официјална Москва ќе го смета за директен воен напад на Европа против Руската Федерација.
Шефот на руската дипломатија тврди дека во европските метрополи сѐ почесто се споменува подготовка за директен конфликт со Русија. Одговарајќи на прашање како би реагирала Москва доколку европските држави извршат напад, Лавров упати отворена закана.
„Доколку Европа, која редовно повторува дека се подготвува за војна со Русија, ја нападне нашата земја, тоа ќе биде сосема поинаква војна, многу кратка“, рече Лавров. Тој додаде дека Москва очекува ваквата порака добро да се разбере во европските институции.
Истовремено, рускиот министер тврдеше дека Русија нема никаква намера прва да ги нападне западните земји.
Лавров се осврна и на дебатите во одредени европски земји околу потенцијалното праќање војници во Украина. Ваквиот став следи само неколку дена по сличните предупредувања што ги упати и рускиот претседател Владимир Путин.
Според Лавров, секое испраќање воени сили на терен нема да се толкува како помош, туку како премин од хибридна во директна војна на континентот. Тој уште еднаш ги искористи добро познатите наративи на Кремљ за оправдување на инвазијата, нарекувајќи ги властите во Киев русофобен режим.
Во своето обраќање Лавров порача дека Русија повеќе не смета на Западот како на доверлив партнер. Тој оцени дека досегашните безбедносни формати и преговори се минато, додавајќи дека Москва својот фокус целосно го насочува кон сојузниците на глобалниот Југ и Исток.