Речиси 40% од Европејците не можат да си дозволат ладење на домот

Нова анализа на ЕУ покажува остри регионални разлики: југот гори од пожари, а центарот и истокот се дават во поплави

Четири од пет Европејци се погодени од екстремни временски настани, покажува нова анализа на Европската агенција за животна средина (ЕЕА) и Eurofound, објавена на 8 јули. Речиси 40 отсто од граѓаните немаат финансиска можност за ладење на домот во летните врели бранови, а разликите меѓу регионите се остри: Јужна Европа гори, додека централно-источниот дел се дави во поплави и стравува за пристапот до вода.

Секој петти Кипранец дише чад од пожари

Пожарите и чадот од нив се најизразен проблем во Јужна Европа. Според анализата на ЕЕА и Eurofound, 41 отсто од испитаниците во Грција и 35 отсто во Португалија пријавиле дека биле изложени на пожари или чад, наспроти просек од само 8 отсто за целата ЕУ. Во Кипар бројката изнесува 20 отсто. Регионот моментално се соочува со активни пожари кои принудиле илјадници луѓе да ги напуштат домовите, а организаторите на Тур де Франс забранија присуство на публика на дел од трасата поради опасност. На 3 јули, сателитите на Copernicus, набљудувачката програма на ЕУ, снимија чад кој се движел кон запад над Атлантскиот Океан од пожарите во северозападна Португалија.

Австрија и Словенија се дават додека југот гори

Наспроти пожарите на југ, централна и источна Европа се соочуваат со поплави. Дури 26 отсто од испитаниците во Австрија и 19 отсто во Словенија пријавиле дека биле погодени од поплави, значително над европскиот просек од 11 отсто. Податоците покажуваат дека природните катастрофи во Европа не се распределени рамномерно, туку следат јасна географска поделба, огин на југ, вода на север и исток.

Речиси половина од домаќинствата во централно-источна Европа не можат да си дозволат ладење

Финансиската состојба директно одредува колку тешко некој ја поднесува горештината. Просечно, 40 отсто од Европејците немаат средства да го изладат домот во летните врели бранови. Бројката е највисока во централно-источна Европа, каде 46,1 отсто од испитаниците немаат таа можност, наспроти 30,1 отсто во северна Европа. За домаќинствата кои тешко изнаоѓаат средства за крајот на месецот, процентот скока над 66 отсто.

Стравот од идните горештини е двојно поголем на југ

Загриженоста за иднината го следи истиот образец. Повеќе од 60 отсто од луѓето во јужна Европа изразуваат длабока загриженост за идни температурни екстреми, што е повеќе од двојно во однос на северна Европа. Во централно-источна Европа, пак, повеќе од половина од испитаниците се загрижени за пристапот до безбедна вода за секојдневна употреба, наспроти помалку од една четвртина на север.

е-Трн да боцка во твојот инбокс