Културните работници денеска излегоа на протест

СКРМ излезе на протест поради, како што велат, непочитување на Колективниот договор, спорни пресметки за платите и институционално игнорирање на вработените во културата

Синдикатот на културата денеска одржа протест пред Министерството за култура, откако во изминатите денови предупреди дека Колективниот договор е ставен под удар, а правата и достоинството на културните работници се игнорираат. Протестот беше најавен како реакција на непочитувањето на договорените права, но и на постапката што ја поведе Уставниот суд за оценување на уставноста на Колективниот договор за култура.

Од СКРМ претходно порачаа дека причината за излегувањето на улица не е само правна, туку и длабоко егзистенцијална. Според синдикатот, Уставниот суд повел постапка врз основа на бројки за платите кои, како што тврдат, не соодветствуваат со сметките на вработените во културата. Наместо платите да се движат од 45.000 до 128.000 денари, како што било наведено, од Синдикатот велат дека реалната слика е многу поинаква: најниската плата изнесува 32.217 денари, а највисоката 88.964 денари, додека кај околу 80 проценти од вработените платите се меѓу 35.000 и 55.000 денари.

Станува збор, велат од СКРМ, за библиотекари, кустоси, конзерватори, техничари и други вработени кои секојдневно работат со културно наследство, архиви и институции од јавен интерес. Според нив, претставувањето на овие права како „привилегија“ е спротивно на основната логика на трудовото право, особено ако се има предвид дека секторот култура со децении бил без функционален колективен договор.

Од Синдикатот потсетуваат дека Колективниот договор за култура го чекале 30 години, а го преговарале 15. Финансиски почнал да се применува во 2023 година, по што веднаш настанал спор околу начинот на пресметка на платите, што довело и до стотици тужби од страна на вработените. Дополнителна револтираност предизвика и тоа што истиот член од договорот бил оспоруван и во 2021 година, но тогаш Уставниот суд не нашол основа за поведување постапка.

СКРМ предупредува и дека евентуално укинување на Колективниот договор би создало правен вакуум, бидејќи Законот за култура не содржи методологија за пресметка на платите, ниту утврдува коефициенти и формула според кои тие би се исплаќале. Синдикатот веќе поднел жалба до Меѓународната организација на трудот, а најавува и генерален штрајк во мај доколку не се постигне решение.

Во повикот за денешниот протест, Синдикатот порача дека веќе нема простор за чекање, оправдувања и молк, туку дека бара правда, почит и достоинство за културните работници. Денешниот протест, според нив, е порака дека културата не смее да остане на маргините, ниту нејзините работници да бидат третирани како невидливи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни