Култура Бета – Ако не дојдат големите процеси, ние ќе ги направиме!

Новиот фестивал „РЕ-КУЛТУРА“ кој младинското здружение „Култура Бета“ го организира оваа сабота е одлична можност да поразговараме со Андреј Медиќ Лазаревски од нивниот тим. Нè интересира тоа што досега го направиле, тоа што следи понатаму, но и младинската сцена и нејзините предизвици во моментов. Прочитајте во прилог како се развива новиот бран култура кај нас и придружете им се оваа сабота на целодневниот настан со богата програма.
фото: Стефан Самандов

Трн: „Култура Бета“ постои речиси пет години и досега организирала многу настани за млади и активно ја раздвижува културната сцена во градов. На различни локации, сте организирале различни типови на настани и имате вклучено навистина многу млади. За почеток, кажи ми нешто повеќе за тоа што е ,,Култура Бета”, од каде идејата за ваква иницијатива и каков е предизвикот таа да опстои без финансиска поддршка?

Андреј: „Култура Бета“ во февруари идната година го слави својот петти роденден и можам да кажам дека овие години работа сериозно се посветивме на развој, поддршка и директно учество во младинската културна сцена. Тоа заедничко растење се гледа и преку бројот на членови на нашиот тим, прво тројца, па пет, сега веќе тим од десетина млади, ентузијастични и многу посветени луѓе кои со радост и задоволство работиме на содржините на нашите платформи како и на организирањето настани, но уште поважно растот на бројот на млади уметници кои постојано покажуваат интерес за да се вклучуваат и учествуваат во нашите активности. Накусо, „Култура Бета“ е место на заедничка посветена работа од една страна и забава од друга страна. А кога станува збор за финансиската поддршка, не сакам да се жалам за тоа, туку само ќе кажам фала на сите што финансиски ја поддржале нашата работа до сега, а ние работиме на тоа континуирано да се подобрува и тој момент од работата.

Трн: Како што споменав, со минимални финансии организирате различни активности и настани во Скопје. Знаеме каков предизвик е тоа, во отсуство на повеќе културни простори, политики и ентузијазам воопшто. Од досегашното искуство, има ли нов поттик да се размрда сцената? Како гледате како тим и млади кои следат култура на моменталната ситуација кај нас во поглед?

Андреј: веќеслојно ти е прашањето и отвора можности за неколку одговори – па со ред. Кога зборуваме за отсуството на културни простори и политики не треба да се откажуваме, туку енергијата да ја насочиме кон тоа ние нив да ги создаваме. Впрочем, така настана „Култура Бета“, во недостаток на платформа си ја направивме. Кога зборуваме за поттикот не можам да кажам дека го нема особено кога ги гледам случувањата на културната сцена во Скопје и низ Македонија – има мноштво младински здруженија, платформи, формални и неформални колективи што сериозно работат кон развој на таа сцена и можам да кажам дека нашата генерација има сериозна идеја и размислува на тоа како да ја подобрува културната сцена тука и сега. Јас и мојот тим од „Култура Бета“ мислам дека сме согласни со тоа дека културата последниве години е во сериозен раст и квантитативно и квалитативно и се радувам што сме дел од тој раст и успеваме да придонесуваме кон него.

Трн: Што недостасува за поголема поддршка на младинската култура овде? Од каде би тргнале кога некој би ви дал простор да преземете нешто во поглед на поголем ангажман на ова поле како млади луѓе кои се директно вклучени во тие процеси?

Андреј: Не можам да кажам дека ја немаме поддршката, заедницата ни е поддршка и младите меѓусебе сме си поддршка едни на други. Важно е тоа што се читаме едни со други, што се слушаме едни со други, што се критикуваме, што си укажуваме на тоа каде можеме да се подобриме. Тоа е убавото во оваа генерација. А околу големите процеси, веројатно би почекале прво да дојдат, а ако не дојдат ние ќе ги направиме!

Трн: Во сабота во скопската кафе-книжарница „Илика“ и подоцна во кафе-книжарницата „Буква“, „Култура Бета“ организира целодневен фестивал и книжевен базар. Најавувате Опширна програма за овој ден и знам дека очекувате одлична посетеност. Како е испланиран целиот настан и зошто е важно во сабота да се биде на овие две локации?

Андреј: Се надевам дека настанот ќе биде посетен и ја користам приликава да ги поканам во сабота сите да ни се придружат. Да, организираме целодневен фестивал што е посветен од заедницата на заедницата. Мислам дека имаме фина, убаво скоцкана и богата програма – централен дел на дневниот дел од фестивалот што ќе се случува во „Илика“ е донаторскиот базар на стари книги преку кој заедницата ќе може да учествува во директно „финансирање“, помагање, поддржување на неколкуте поголеми проекти кои ги планираме за следната година – настани и книги. Покрај базарот, во „Илика“ на целодневна журка ни прави Ивче со убаво селектирана музика, групна изложба на повеќе визуелни уметници и, секако, разговорот со Филипа Сара Попова, добитничката на наградата „Млада Струга“. Вториот, вечерен, дел од фестивалот ќе се случува во кафе-книжарницата „Буква“ каде што ќе го направиме 11. издание на „Поетска епизода“ на кое ќе учестуваат 6 одлични поетеси и поети, а вечерта ја завршуваме со музичка селекција на Modem priest (Максимилијан Сарајлија). Важно е да се дојде за да се видиме, запознаеме, поддржиме едни со други, да си направиме муабет, за заедно да учествуваме во културното креирање.

фото: Дејвид Величковски

Трн: Дали Култура Бета планира да ги прошири своите активности и во другите градови во земјава? На секој културен настан што сте го организирале, се трудите да донесете уметници, активисти, посетители од повеќе делови на земјава, но, ме интересира дали со растењето на здружението има некој ваков план?

Андреј: Другарка ми Калина во една нејзина колумна на „Култура Бета“ нашиша „Македонија не е само Скопје“ и тогаш разговаравме за потребата од децентрализација на културата од главниот град. Паралелно со нас, во другите градови, се појавуваа повеќе младински здруженија, платформи, организации кои работат на младинската култура во родните градови. Па тука секогаш си го поставуваме прашањето – зошто да не се поврземе? Со издавачката куќа „ПНВ Публикации“ го организираме книжевниот настан „Добри гости“, но во следниов период веќе сериозно планираме да креираме и поголеми настани, можеби некои групни изложби, свирки, разговори со автори и сл. во другите градови. А инаку, да, секогаш кога правиме некаков настан тука гледаме да поканиме повеќе луѓе од различни места.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни