Култното трио „21 Век“ со четири концерти во Котур – музички спектакл за љубителите на добрата музика

Дома и најлесно и најтешко секогаш да се свири. Нас некако ни одговараат овие поинтимни клубови затоа што тука сме цело време во интеракција со публиката, пред домашна публика, скопска публика секако дека многу ни значи да свириме и да дадеме се од себе бидејќи тука сме во овој град, тука сме пораснати и тука живееме

Култното скопското музичко трио „21Век” по од седум години од оформувањето, три студиски албуми и многу настапи надвор од државата, повторно се во Скопје. Во Котур со четири концерти се враќаат на домашната сцена и публика, пред коjа велат секогаш е најтешко ама и најубаво да се настапува. Првите два концерти веќе се распродадени, а карти можат да се купат за третиот и за четвртиот концерт во Котур и Miss Stone како и на веб страната на drugasrtana.mk.

По концертот во Денсинг салата на МКЦ на 1 септември 2023 година, ова е нивни прв поголем настап на домашната музичка сцена. А тоа колку таа го сака ова интересно музичко трио покажуваат и четирите продадени концерти.

– Последниот наш концерт беше во МКЦ на 1 септември 2023 година и по година и пол еве прв пат свириме во Скопје. Овој пат во Котур на 20, 21, 22, и 23 февруари. Дома и најлесно и најтешко секогаш да се свири. Нас некако ни одговараат овие поинтимни клубови затоа што тука сме цело време во интеракција со публиката, пред домашна публика, скопска публика и секако дека многу ни значи да свириме и да дадеме се од себе бидејќи тука сме во овој град, тука сме пораснати, тука живееме и тука се надевам и ќе умреме- вели Дени Крстев.

„21Век” е бенд кој го сочинуваат тројца познати музичари од скопската алтернативна сцена: Васко Атанасоски („Бернајс пропаганда”, „ХаХаХа”, „FxPxOx”), Раде Јордановски („FxPxOx”) и Дени Крстев („Бернајс пропаганда”, „Фонија”, „My Tear”).

-Овие концерти ги правиме и за нас, меѓутоа и за помладите колеги, кои што се жалат дека немаат технички услови, ние викаме еве и ние на исто ниво ќе бидеме во еден мал клуб со лимитирана теничка ситуација, доаѓаме да се видиме со луѓето така да ние и почетниците во моментов ќе бидеме исто. И тоа е пораката, една опуштена атмосфера каде што никој не користи дигитрон, нема злоба, едноставно заедно правиме нешто што нема екаква голема логика, меѓутоа носи некоја радост за нас и неколку стотици луѓе- вели за Трн Васко Атанасоски.

Дени Крстев

Свирењето во места како „Котур“ велат дечките од 21 век си има некоја драш.

-Секое место си има своја нели приказна, ама тие, да ги речеме, помали простори, поинтимни се секогаш, малку е подруга интеракцјата со публиката, подиректно е, тука се сите, некако по лице во лице со екипата и мерак е така, да се свири на такви места, секогаш. Па ние ова го правиме доста долго, знаеш. Некои членови го прават ова 30 плус години, некои 20 плус, некои 20 плус. Тоа што луѓето во Скопје некогаш забораваат е дека тука живеат со други 700.000 луѓе. Така да ние сакаме дел од тие луѓе ќе дојдат тука. Ќе посвириме, ќе си поминеме убаво и после ќе си продолжиме со нашите убави животи – вели Раде Јордановски.

Музиката на 21Век претставува силно експресивна палета на влијанија движејќи се од правци како пост-панк се до македонската традиционална музика. Критичарите, нивната музика ја карактеризираат како „поп музика вкоренета во длабок андерграунд”.

Песната „Ужасно ми фалиш’, прва на албумот “Си нацртав живот” (2021) се задржа долго време на репертоарот на домашните радио фреквенции, а токму албумот го доби епитетот како „највеселиот албум за тешките љубовни јадови”.

Музичкиот состав зад себе има три студиски албуми, „1” (2020), „2” (2020) и „Си нацртав живот“ (2021), а во моментов се подготовка на четвртиот албум.

-Во моментов спремаме нов студиски албум што ќе биде четврти по ред. Ќе излезе оваа година веројатно некаде на есен. И го спремаме, го работиме во студио, свириме концерти, секаде каде што можеме, и тука и надвор имаме некои планови, некоја турнеја кратка. Секаде каде што имаме можност сакам да свириме. Новиот албум ќе биде микс од се, слободни сме во изразот не се ограничуваме, гледаме како ни одговара, спонтано правиме правиме песни. Влезени сме во процесот на правење на песните и имаме некои демо снимки, ги работиме. И супер е, добар е процесот, уживаме во тоа. Така да накај есен некаде веројатно очекувајте го првиот албум… – вели Раде.

А до тогаш, остануваат концертите во Котур…

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни