На 7 мај (четврток), со почеток од 20:00 часот, во Кафе и филм Котур во Скопје ќе се одржи проекција на кратки анимирани филмови на македонскиот режисер Крсте Господиновски, проследена со разговор со авторот.
Настанот е дел од промотивната програма за осмото издание на фестивалот на филм и музика „Ѕирни“, кој годинава ќе се одржи од 28 септември до 5 октомври на повеќе локации во главниот град.
Господиновски важи за автор со препознатлив експериментален и радикален израз, кој преку анимацијата отвора критички теми и остава силен печат во македонската и европската кинематографија. Неговиот последен филм „Неми филмови“ ја освои наградата од публика на претходното издание на „Ѕирни“.
Публиката ќе има можност да погледне неколку негови значајни остварувања:
- „Неми филмови“ (2025) – приказна сместена во периодот на залезот на немото кино, реализирана како куклена стоп-анимација во еден непрекинат кадар
- „Небиднина“ (2023) – омнибус инспириран од поезијата на Ацо Шопов, во соработка со повеќе автори
- „Готлиб“ (2018) – психолошка анимација за лик заглавен во сопствената потсвест
По проекцијата ќе следи разговор со авторот, што претставува можност за подлабоко запознавање со неговиот креативен процес и филмска естетика.
Воедно, отворен е и повикот за пријавување филмови за фестивалот „Ѕирни“, кој трае до 31 август 2026 година.
Осмото издание на фестивалот се реализира во рамки на проектот „Култура за развој“, поддржан од Владата на Швајцарија, со цел јакнење на независната културна сцена и поттикнување на општествен дијалог преку уметноста.