Крит под вода: Евакуирани 47 туристи поради невремето, островот во „црвен код“

Обилните врнежи предизвикаа нови поплави во областа Иерапетра, а властите ги повикаа граѓаните и туристите да ги ограничат движењата. Во невремето досега загина едно лице, а неколку се повредени.

Грчкиот остров Крит повторно се соочува со сериозни проблеми поради обилните дождови и поплавите, а во југоисточниот дел од островот властите превентивно евакуираа 47 туристи од хотели и апартмани. Туристите биле префрлени од објекти во областите Ферма и Куцунари во близина на Иерапетра, откако патната инфраструктура повторно била поплавена. Противпожарната служба соопшти дека туристите не биле во директна опасност и дека нема пријавени здравствени проблеми.

Силните врнежи продолжуваат во поширокото подрачје на Иерапетра, а по новото поплавување на патиштата грчките власти повторно испратиле предупредување преку бројот 112. Жителите и сите кои се наоѓаат во поширокиот регион биле повикани да ги ограничат движењата и да избегнуваат непотребно патување. Во спасувачката операција се вклучени припадници на противпожарната служба од Иерапетра и специјализирани спасувачки тимови.

Ова не е прва евакуација на Крит во последните денови. Само во текот на вчерашниот ден, пожарникарите евакуирале 20 лица во околината на Иерапетра и уште две лица во близина на Ретимно. Крајбрежната служба, пак, со чамци спасила четворица британски туристи од морскиот дел кај Иерапетра. Бројот на интервенции покажува колку сериозна е состојбата на островот, каде што невремето со кратки прекини трае уште од средата вечерта.

Надлежните служби остануваат на терен низ целиот Крит, а пожарникарите се во зголемена готовност поради можноста за нови поплави и дополнителни одрони. Во делови од островот веќе се регистрирани значителни материјални штети, а поројните води повторно ги поплавуваат патиштата и го отежнуваат движењето. Властите ги повикуваат граѓаните и посетителите да ги следат официјалните предупредувања и да не ризикуваат со непотребно движење во погодените области.

Невремето на Крит веќе има и човечки жртви. Во четвртокот животот го загубил 80-годишен сточар, додека две лица биле полесно повредени откако мал мост целосно попуштил во моментот кога со автомобил минувале преку него. До уривањето дошло поради лизгање на земјиштето предизвикано од обилните врнежи, што дополнително ја покажува опасноста од нестабилниот терен во погодените подрачја.

Поради прогнозите за продолжување на невремето и високата опасност од поплави, Крит од средата вечерта се наоѓа во состојба на мобилизација „Црвен код“, прогласена од Генералниот секретаријат за цивилна заштита. Сите надлежни служби се ставени во повисока готовност, а ситуацијата особено внимателно се следи во областите каде што веќе има поплавени патишта и активирани спасувачки екипи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс