Издавачката куќа „Артконект“ неодамна ја објави прекрасната збирка поезија „Низ прозорецот
на една песна“ од една од најпознатите современи бугарски писателки, Кристин Димитрова.
Изборот го направи препејувачката Маја Лазаревска од вкупно 9 книги на Кристин Димитрова.
Ова е прва нејзина збирка поезија објавена на македонски јазик.
Ви презентираме три од нејзините песни од оваа збирка:
ТАМУ КАДЕ ШТО ТЕ НЕМА
Таму каде што те нема, воздухот е чист.
Воздухот веќе не означува ништо. Тој е празен, ме кани да тргнам
во секоја насока,
покажува со прст насекаде.
„Ти си зајакот, ти си кучето,
ти си магионичарот и помошничката,
ти си бројот од секоја страна на билетот:
ете, сега светот е твој.“
Не го сакам.
ТОЈ ЗНАЕШЕ
Тој знаеше дека таму некаде
секогаш ќе свети
светлинка за него.
Таму, мушнат во фиоките на градот,
беше неговиот некогашен дом –
со жолтите ламби, со смешните
новогодишни украси, со чистата бањарка
на закачалката во тоалетот, со миризбата
што останала по денешниот ручек, со неговата детска
шолја за чај, со избледените завеси
кон внатрешниот двор, со една
жена што старее, која го помни
од самиот почеток.
Дури и да не светеше.
Дури и таа да не беше таму.
СТАРУДИИ
Како куфер си го носам
минатото со мене.
Ровам во него
и исфрлам разни
стари предмети
надалеку.
Убав куфер – внатре
бумеранг до бумеранг.
Кристин Димитрова е авторка на 14 збирки поезија, 2 романи и 3 збирки раскази. Носителка е на седум награди за поезија, четири за проза, како и три награди од Сојузот на преведувачите во Бугарија за особен придонес во преведувањето.
Оваа книга е објавена со поддршка од програмата „Креативна Европа“, Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Национален фонд „Култура“.