Нов удар врз клучната руска врска со Крим: Ограничен сообраќајот по напад врз Кримскиот мост

Гувернерот на Крим назначен од Русија, Сергеј Аксјонов, соопшти дека движењето преку Керченскиот теснец е ограничено до пладне по утринскиот удар врз еден од лаковите на мостот.
Фото: Социјални мрежи/X

Украинските сили рано утрово го погодија Кримскиот мост, најдолгиот мост во Европа што ги поврзува Русија и анектираниот полуостров Крим преку Керченскиот теснец. Според информациите на локалниот канал „Кримски ветер“, во 5:38 часот по локално време бил погоден еден од бродските лакови на конструкцијата. Гувернерот на Крим, Сергеј Аксјонов, потврди дека сообраќајот преку мостот е ограничен до пладне, додека надлежните служби го проценуваат степенот на оштетување.

Назначениот од Москва гувернер на Крим, Сергеј Аксјонов, во објава на апликацијата Телеграм потврди дека мостот е погоден, без да изнесе конкретни детали за материјалната штета. Тој најави дека ограничувањата во сообраќајот ќе останат во сила до пладне.

Телеграм-каналот „Кримски ветер“, повикувајќи се на сведоштва од свои следбеници, објави дека ударот се случил во 5:38 часот по локално време. Според нивните податоци, погоден е еден од главните лакови под кои поминуваат бродовите, а техничките екипи го утврдуваат обемот на оштетувањата.

Кримскиот мост се состои од два паралелни премини, патен и железнички, со вкупна должина од 19 километри. Русија го изгради овој инфраструктурен проект по нелегалната анексија на украинскиот полуостров Крим во 2014 година, а рускиот претседател Владимир Путин го промовираше како симбол на поврзувањето на полуостровот со руското копно.

Официјален Киев во повеќе наврати нагласи дека објектот е изграден незаконски на украинска територија и претставува легитимна воена цел за украинските вооружени сили, бидејќи служи за снабдување на руската војска на јужниот фронт.

Денешниот удар следува по најмалку два претходни успешни напади врз овој силно обезбедуван објект. Првиот напад се случи утрото на 8 октомври 2022 година, еден ден по 70. роденден на Владимир Путин, кога експлодираше камион натоварен со експлозив завиткан во фолија и урна дел од патната коловозна лента.


Рускиот независен портал „Медуза“ тогаш го опиша Кримскиот мост како едно од најчуваните места во светот, заштитено со повеќеслојни системи од копно, од воздух, од море, под површината на водата и од вселената. Вториот голем напад украинските сили го изведоа во јули 2023 година со поморски дронови, при што повторно беше оштетен патниот дел од конструкцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс