Властите на Крим, кој Русија го анектираше во 2014 година, воведоа забрана за ноќно користење на мотори, скутери и четвороцикли, мерка што ќе важи од 20 часот навечер до 6 часот наутро. Според руските локални власти, забраната е привремена и има за цел заштита на воените и стратешки објекти на полуостровот. Причината за ваквата одлука е зголемената закана од напади со дронови.
Советник на гувернерот Сергеј Аксјонов изјави дека бучавата од мопедите и моторите може да создаде забуна бидејќи нивниот звук наликува на лет на беспилотни летала, што го отежнува работењето на одбранбените системи.
Мерката не важи за автомобили и други поголеми возила, а Крим во последниот период е под засилен притисок поради зголемени украински напади со дронови насочени кон инфраструктурата и снабдувачките линии.