Во време кога светот сè повеќе се соочува со конфликти, поларизација и општествена отуѓеност, КРИК – фестивал за критичка култура повторно ја отвора програмата „Критичко читање низ филмови“, поставувајќи го филмот како простор за политичко размислување, емпатија и заедничко соочување со реалноста.
Настаните ќе се одржат на 12, 13 и 14 мај во просториите на Буква, во рамки на овогодинешната фестивалска тема „Грижа: начини да се биде заедно“. Темата ја третира грижата не како личен или сентиментален чин, туку како општествена, политичка и етичка практика што отвора прашања за солидарноста, одговорноста и колективното живеење.
Организаторите посочуваат дека филмската програма има цел да создаде привремен јавен простор во кој гледачите ќе можат критички да размислуваат за историјата, конфликтите, загубата и можностите за заедничко постоење. Според нив, филмот денес станува особено важен медиум во време на глобална исцрпеност, растечко насилство и ерозија на јавниот простор.
Куратор на програмата е Петар Милат, директор и селектор на Филмскиот фестивал за човекови права од Загреб, а избраните филмови силно кореспондираат со долгогодишниот интерес на КРИК за критичка култура како простор за ангажман, толкување и отпор кон рамнодушноста.
Програмата започнува на 12 мај со филмот „Со Хасан во Газа“ на режисерот Камал Алџафари. Документарецот преку повторно откриени снимки од 2001 година го прикажува патувањето низ Газа и секојдневието на Палестинците во период што денес изгледа како изгубен свет. Филмот отвора теми за сеќавањето, исчезнувањето и времето во контекст на една постојано ранетa територија.
На 13 мај ќе биде прикажан „Fiume o Morte!“ на Игор Безиновиќ, филм што низ реконструкции и сведоштва ја обработува бизарната и ретко раскажувана приказна за окупацијата на Риека во 1919 година од страна на Габриеле Д’Анунцио. Преку спој на историја, политички театар и колективно паметење, филмот отвора прашања за национализмот и политичките митови.
Програмата завршува на 14 мај со „Магелан“ на култниот филипински режисер Лав Дијаз. Наместо класична авантуристичка приказна, филмот нуди мрачна и критичка интерпретација на колонијализмот, насилството и освојувањето, следејќи ја експедицијата на Магелан низ перспектива на моќта и уништувањето.
Организаторите нагласуваат дека сите филмови ќе бидат прикажани со превод на македонски јазик, а програмата претставува важен дел од пролетното издание на фестивалот – како простор каде киното не е само уметност, туку и алатка за критичко размислување и отворање општествени прашања.
КРИК – фестивал за критичка култура е поддржан од повеќе домашни и меѓународни организации, меѓу кои Владата на Швајцарија, Хартефакт фонд, Фридрих Еберт Штифтунг, Гете Институт Скопје и Министерството за култура и туризам.