Кремљ ги отфрли шпекулациите за средба меѓу Путин и Кање Вест

Портпаролот Песков порача дека претседателската администрација не е концертна агенција за да договара средби со американскиот рапер.
Фото: Seher Sikandar for rehes creative, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Доаѓањето на американскиот рапер Кање Вест во Русија и најавите за негови концерти предизвикаа бројни реакции во Москва, но Кремљ брзо ги пресече сите шпекулации за негова средба со рускиот претседател. Портпаролот Дмитриј Песков иронично одговори на прашањата на новинарите, подвлекувајќи дека претседателскиот кабинет нема никаква врска со организација на музички настани.

Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали се планира средба меѓу Владимир Путин и контроверзниот музичар, Дмитриј Песков појасни дека тоа не спаѓа во надлежност на државниот врв. Прашањето дојде по медиумските извештаи дека раперот планира големи настапи во Санкт Петербург.

„Ова не е наша област. Ова не е ‘Москонцерт’, туку администрација на претседателот“, истакна Песков, давајќи јасен сигнал дека Кремљ не планира да иницира ниту да организира протоколарни средби со американската ѕвезда.

Веста за потенцијалните концерти на Кање Вест ги подели мислењата во руските политички и културни кругови. Додека одредени претставници ги поздравија најавите како знак за пробивање на западната културна изолација спрема Русија, други предупредија на неговите претходни скандалозни изјави.

Поединечни пратеници во руската Дума потсетија на контраверзните и спорни изјави на раперот од минатото, укажувајќи дека неговото доаѓање бара внимателност, иако интересот кај публиката е исклучително голем.

е-Трн да боцка во твојот инбокс