Како кралската диктатура пред 97 години го измисли името Југославија?

Со декрет на кралот Александар, Кралството СХС исчезна од мапата преку административно бришење на историските граници и наметнување нов југословенски идентитет.

На 3 октомври 1929 година, кралот Александар Караѓорѓевиќ официјално го преименува Кралството на Србите, Хрватите и Словенците во Кралство Југославија. Државниот удар од шести јануари истата година доби правна и географска рамка со нов закон за внатрешна управа. Со овој потег, монархијата го укина дотогашниот уставен поредок, го распушти парламентот и воведе суров централизам насочен кон сузбивање на националните движења.

Државата влезе во длабока криза по атентатот во Народното собрание во Белград во јуни 1928 година, кога српскиот пратеник Пуниша Рачиќ пукаше врз претставниците на Хрватската селанска партија и смртно го рани Стјепан Радиќ. Политичкиот систем доживеа целосен колапс, а меѓунационалните тензии оневозможија формирање стабилна влада. Кралот Александар ја искористи кризата на 6 јануари 1929 година за суспендирање на Видовденскиот устав, распуштање на парламентот и преземање на целокупната извршна и законодавна власт во свои раце.

Името „Југославија“, сепак, не настана во кабинетот на Александар Караѓорѓевиќ во 1929 година, туку има речиси еден век постара интелектуална историја. Терминот првпат се појавува во средината на 19 век, најпрво преку дубровничкиот писател и дипломат Матија Бан во 1848 година, како и во круговите на Илирското движење во Загреб предводено од Људевит Гај. Првичната замисла за „Јужна Славија“ беше културно-просветителски концепт насочен кон јазично приближување и заеднички отпор на јужните Словени против австрискиот апсолутизам и унгарската доминација.

Политичката тежина на името драстично се промени за време на Првата светска војна со формирањето на Југословенскиот одбор во Лондон и потпишувањето на Крфската декларација во 1917 година. Во тој период, терминот претставуваше демократски идеал за доброволно обединување на рамноправни народи. Сепак, при создавањето на заедничката држава на 1 декември 1918 година, српските политички елити одбија земјата да се вика Југославија, плашејќи се од губење на српскиот државен континуитет и победничкиот статус од војната, поради што беше избран компромисниот и гломазен назив Кралство СХС.

Кралот Александар во октомври 1929 година го извади од фиока токму ова име, но му даде сосема поинакво, авторитарно значење. Наместо федеративна заедница на различни култури, „Југославија“ му послужи како административна алатка за укинување на племенските имиња, националните знамиња и историските региони. Со еден кралски декрет, романтичарската идеалистичка визија за братство беше претворена во параван за крут државен централизам и негирање на македонскиот, хрватскиот и словенечкиот идентитет.

Законот од 3 октомври не донесе само ново име за државата, туку целосно ја смени нејзината територијална организација. Земјата беше поделена на девет бановини, именувани исклучиво по реките што течеа низ нив, со исклучок на Приморската бановина. Белград, Земун и Панчево беа организирани како посебна управа надвор од бановините.

Границите беа кроени со јасна цел: да се прекине секој историски, етнички и регионален континуитет. Македонија, која претходно беше третирана како Јужна Србија, влезе во составот на Вардарската бановина заедно со делови од денешна јужна Србија и јужно Косово, со административен центар во Скопје. Со ова, какво било спомнување на македонскиот народ или посебност остана целосно надвор од законот.

Sadko, Wikipedia

Александар прогласи идеологија на таканаречено интегрално југословенство, со теза дека во државата живее само еден, троделен народ. Беа забранети сите политички партии, здруженија со племенски или верски предзнак, па дури и употребата на националните знамиња и симболи. Секој отпор кон белградскиот централизам режимот го квалификуваше како велепредавство и го санкционираше преку специјалниот Државен суд за заштита на државата.

Обидот за создавање вештачка нација преку полициска присила не ги реши внатрешните конфликти, туку ги радикализираше движењата за автономија и независност. Овој авторитарно наметнат модел траеше до атентатот врз кралот во Марсеј во 1934 година, по што државата постепено мораше да бара компромиси со незадоволните народи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс