Крафтверк синоќа одржаа концерт на Стадионот на АРМ во Скопје, во рамките на „Skopje Calling“ и турнејата „Multimedia 2026“. Меѓу изведените нумери беше и „Radioactivity“, песна стара повеќе од половина век, која испрати антинуклеарно предупредување составено од механички гласови и имиња поврзани со нуклеарни трагедии.
Концертот, во организација на „Авалон продукција“, беше трет настап на Крафтверк во Скопје. Бендот првпат настапи во македонската престолнина во 2005 година на Скопски саем. Во 2018 година одржа 3Д-концерт во арената „Борис Трајковски“, со кој беше отворено 20. издание на фестивалот „Таксират“.

Синоќа, на Стадионот на АРМ, Крафтверк за прв пат настапија на отворено во Скопје. Звукот, типографијата, анимациите и строго синхронизираните проекции функционираа како едно дело. Програмата помина низ различни периоди од нивната кариера, со композиции како „Computer World“, „Autobahn“, „The Model“, „Tour de France“, „Trans-Europe Express“ и „The Robots“.
Меѓу најсилните точки на вечерта беше „Radioactivity“. Крафтверк ја објавија песната во 1975 година како насловна композиција на албумот „Radio-Activity“, а една година подоцна и како сингл. Насловот, и на англиски и на германски, упатува истовремено на активноста на радиото и на радиоактивноста како физички феномен.
Оригиналната верзија не била отворен протест. Таа ја набљудувала технологијата со мешавина од фасцинација и вознемиреност. Во текстот се појавува Марија Кири. Во музиката се слушаат Морзеови сигнали и обработени гласови што го имитираат регистрирањето радијација. Радиобрановите и зрачењето, и двете невидливи, се спојуваат во ист звучен простор.
Несреќата во нуклеарната централа „Три Мајл Ајленд“ во 1979 година и катастрофата во Чернобил во 1986 година го промениле начинот на кој јавноста гледала на нуклеарната технологија. Во 1991 година Крафтверк ја снимија „Radioactivity“ повторно, за албумот „The Mix“.

Новата верзија веќе немала двосмислена порака. Се појавиле Чернобил, Харисбург, Селафилд и Хирошима, а централната порака стана директното барање „Stop Radioactivity“. Харисбург стана симбол на несреќата во „Три Мајл Ајленд“, Селафилд на ризиците од нуклеарната индустрија, Чернобил на катастрофалните последици од хаварија, Хирошима на употребата на атомската енергија како оружје.
По катастрофата во Фукушима во 2011 година, песната повторно се промени. На фестивалот „No Nukes 2012“ во Токио, Крафтверк изведоа верзија со јапонски текст, адаптиран од Рјуичи Сакамото, со директно споменување на Фукушима. Дел од таа верзија остана во нивните концертни изведби, вклучително и во скопската.
Крафтверк се формирани во Диселдорф во 1970 година од Ралф Хитер и Флоријан Шнајдер. Нивниот минимализам, електронската перкусија и обработените вокали влијаеле врз развојот на електрото, техното, синт-попот и хип-хопот. Во 2014 година добија „Греми“ за животно дело. Во 2021 година беа примени во Рокенрол куќата на славните, во категоријата за музичко влијание.
Турнејата „Multimedia 2026“ по концертот во Скопје продолжува на 28 јули со настап во римскиот амфитеатар во Пула во Хрватска.