Левицата и десницата бараат итна контрола врз вештачката интелигенција

Политичките противници Берни Сандерс и Стив Бенон заедно настапуваат во Вашингтон со барање законодавците да ги ограничат технолошките гиганти.
Фото: Anderseidesvik, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons | Gage Skidmore, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Левичарскиот сенатор Берни Сандерс и десничарскиот стратег Стив Бенон денеска се појавуваат на иста сцена во Вашингтон за да побараат итна законска контрола врз вештачката интелигенција. Двајцата политички ривали настапуваат на собирот „Pro-Human Assembly“, организиран од институтот „Future of Life“, каде што вршат директен притисок врз американскиот Конгрес за запирање на неконтролираната експанзија на алгоритмите. Настанот покажува како технологијата ги прекршува вообичаените партиски линии во американската политика.

Сандерс, независниот сенатор од Вермонт, и Бенон, поранешен советник на Доналд Трамп, застанаа зад принципите на институтот „Future of Life“. Оваа организација уште во март објави листа од 33 насоки, барајќи луѓето да ја задржат крајната контрола врз технологијата, а корпорациите да понесат директна правна одговорност.

Покрај политичките фигури, во Вашингтон зборуваат и холивудските актери Ешли Џад и Џозеф Гордон-Левит, верски претставници и родители на тинејџери кои си го одзедоа животот по интеракции со чет-ботови. Организаторите нагласуваат дека собирот служи за создавање заеднички фронт пред технологијата да ги поништи граѓанските слободи и работничките права.

Притисокот врз претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, доаѓа и од самите технолошки кругови. Раководствата на компаниите Anthropic и OpenAI неодамна повикаа на забавување на развојот за да се воведат безбедносни механизми. Сепак, републиканското раководство во Конгресот одбива строги законски рамки.

„Не можеме да воведеме мораториум бидејќи Кина ќе нè престигне. Доколку Конгресот брза со вонредни регулативи, ќе ја изгубиме трката со Пекинг“, изјави Џонсон за Си-ен-ен.

Како одговор на незадоволството на гласачите, Претставничкиот дом денеска гласа за предлог-законот „Ratepayer Protection Act“. Мерката има цел да ги заштити граѓаните од наглите скокови на цените на струјата, предизвикани од огромната потрошувачка на електрична енергија во новите дата-центри.

Американскиот претседател Доналд Трамп отворено застанува зад забрзаниот развој на вештачката интелигенција и енергетската инфраструктура, игнорирајќи ги барањата за сопирање на процесот. По повиците на водечките компании за воведување безбедносни кочници, тој одговори дека ризиците се преувеличени од политички причини.

„Ние водиме пред Кина, имаме најнапредна технологија во светот и сакам така да остане, бидејќи тој што ќе победи овде, победува сè. Многу негативни сили непотребно ја отвораат оваа тема“, изјави Трамп пред новинарите во неделата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс