Од генеративна електроника до NoFolk: Концерт на четири уметници во С.Ц. Дуња

На 21 август во Социјалниот центар „Дуња“ настапуваат музичари од Италија, Германија, Србија и Македонија.

Чeтири уметници и проекти од полето на експерименталната, амбиенталната и импровизираната музика ќе одржат заеднички концерт на 21 август 2026 година во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје. Настанот започнува во 20:00 часот, а влезот за сите посетители ќе биде со донација. Вечерта спојува автори од Македонија, Италија, Германија и Србија, кои пред публиката ќе претстават разновидни звучни пристапи, од минимализам до жива импровизација.

На сцената во С.Ц. „Дуња“ ќе настапи проектoт Fließgewässer, зад кој стои германскиот автор Хајнцел. Неговиот израз балансира меѓу амбиент, NoFolk, ноиз и панк, а претставува премин од креативна изолација кон колективно создавање музика.

Заедно со него настапува и македонскиот проект Amplidyne Effect на Мартин Георгиевски. Активен од 2009 година, Георгиевски е познат по истражувањата во генеративната електроника и амбиенталната импровизација, зад себе има повеќе изданија и настапи на фестивали како „Десонанз“, „Pohoda“ и „PNEM Sound Art Festival“.

Програмата ја надополнува Bellairsia Gracilis // Material Glitch, кој користи дигитални и електроакустични извори за да креира живи композиции со преклопување и поништување на звучни лупови.

Четвртиот учесник е Горан Лончаревиќ, кој преку современа минималистичка амбиентална музика ја истражува повторливата звучност на границата меѓу музиката и чистиот звук.

Влезот е на база на доброволни прилози, а организаторите ги покануваат сите љубители на независната сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс