Комисијата за заштита на конкуренцијата доби мислење со резерва од Државниот завод за ревизија за финансиското работење во 2024 година. Извештајот нотира сериозни пропусти во сметководството, управувањето со државниот имот и јавните набавки. Институцијата функционирала со нецелосен состав, а ревизорите откриле и дека не постои единствена евиденција за предметите каде што се изречени глоби, ниту пак целосна контрола врз присуството на вработените.
ДЗР констатира дека пописот на опремата во институцијата не е спроведен според Законот за сметководство на буџетските корисници. Пописната комисија извршила физички попис, но не ја усогласила сметководствената евиденција со фактичката состојба. Ревизорите утврдиле дека пописните листи содржат само количински, но не и вредносни показатели. Една од најсериозните забелешки е тоа што Комисијата нема преземено мерки за осигурување на државниот имот, иако тоа претставува нејзина законска обврска.
Извештајот открива недостаток на базична административна и финансиска контрола. Институцијата нема единствена евиденција за предметите во кои се изречени глоби. Дополнително, ревизијата утврдила дека амортизацијата од претходните години е прикажана во повисок износ за 546.000 денари, што директно влијае врз реалноста на Билансот на состојба. Утврдено е и дека не постои целосна евиденција за присуството на вработените на работа во текот на 2024 година, како и слабости во спроведувањето на јавните набавки.
Во најголемиот дел од 2024 година, Комисијата за заштита на конкуренцијата не функционирала во полн капацитет. Според наодите, телото работело со претседател и тројца членови, наместо со законски предвидените четворица членови, што дополнително го отежнува нејзиното нормално функционирање.