Според лекарите, 39-годишниот сенатор „едвај“ реагирал на медицинските интервенции, кои вклучувале и операција на мозокот по обидот за убиство.
Нападот се случил додека Урибе одржувал говор пред мала група граѓани во парк во населбата Моделија. Ден подоцна, стотици граѓани се собраа пред болницата каде што се лекува, молејќи се за негово оздравување. Некои од нив носеа бројаници, додека други извикуваа пароли против претседателот Густаво Петро.
Петро го осуди нападот и повика на воздржаност од политичка злоупотреба на инцидентот, иако дел од јавноста побара од него да ја ублажи реториката кон опозицијата.
Нападот се случува во момент на ескалација на политичките тензии меѓу претседателот Петро и опозицијата, особено во врска со предложените законодавни реформи.
Колумбискиот Сенат ги прекина седниците во знак на солидарност со Урибе, додека опозициските партии побараа меѓународна помош за гарантирање еднакви услови во политичкиот процес.
Осомничениот за нападот — 15-годишен малолетник — бил уапсен на самото место. На социјалните мрежи се појавија видеа кои го прикажуваат моментот кога младиот напаѓач пука од непосредна близина.
Иако малолетниците во Колумбија може да добијат затворска казна до осум години за убиство, државната обвинителка Лус Адријана Камарго предупреди дека вооружените групи сè почесто регрутираат деца за извршување насилни дела.
Адвокатот на Урибе изјави дека поднел тужба против Националната служба за безбедност поради негрижа, бидејќи неколку недели пред нападот била намалена неговата заштита, и покрај барањата за нејзино зголемување. Претседателот Петро потврди дека бројот на телохранители бил намален од седум на три и најави истрага по тој повод.
Мотивите за нападот сè уште не се познати. Партијата на Урибе – Демократски центар – нападот го нарече удар врз животот на политички лидер, демократијата и слободата во Колумбија.