Колумбија со минимална победа над ДР Конго, остана лидер во групата пред Португалија

Колумбија ја совлада ДР Конго со 1:0 во второто коло од Светското првенство. Даниел Муњоз го постигна единствениот гол и ја задржа својата репрезентација на врвот во групата К.
epa13057658 Soccer balls rest on the field during the 2026 FIFA World Cup group stage match between Jordan and Algeria at San Francisco Bay Area Stadium in Santa Clara, USA, 22 June 2026. EPA/BENJAMIN FANJOY

Колумбија ја забележа и втората победа на Светското првенство, совладувајќи ја селекцијата на ДР Конго со минимални 1:0 во натпреварот од второто коло во групата К. Херој на јужноамериканската репрезентација беше Даниел Муњоз, кој во 76. минута го постигна единствениот погодок на мечот и ѝ донесе нови три бода на својата селекција.

Со овој триумф, Колумбија останува на првото место во групата со шест бода, два повеќе од Португалија. ДР Конго има еден бод на третата позиција, додека Узбекистан сè уште е без освоен бод.

Колумбија доминираше уште од стартот

По почетната шанса на ДР Конго преку Кајембе во првата минута, Колумбија целосно ја презеде контролата на теренот. Муњоз уште во петтата минута пропушти одлична можност, а две минути подоцна му беше поништен гол поради офсајд. Колумбијците продолжија со нападите, а закани кон голот упатија и Хамес Родригез и Луис Дијаз. Сепак, голманот на Конго, Мпаси Нзау, беше на висина на задачата и со неколку одлични интервенции ја зачува својата мрежа.

И покрај доминацијата и бројните шанси, првото полувреме заврши без голови.

Муњоз го реши победникот

Во вториот дел Колумбија продолжи со притисокот. Најголемите шанси дојдоа во 50. минута, кога Луис Дијаз и Лерма не успеаја да го совладаат расположениот голман на африканската селекција. Отпорот на ДР Конго конечно беше скршен во 76. минута. По мешаница пред шеснаесетникот, топката стигна до Даниел Муњоз, кој со прецизен удар ја затресе мрежата за водство од 1:0.

Само неколку минути по водечкиот гол, Луис Дијаз двапати ја испрати топката во мрежата, но ниту еден погодок не беше признат. Најпрво судијата досуди прекршок во напад, а веднаш потоа вториот гол беше поништен поради офсајд, оставајќи ја Колумбија со минимална, но заслужена победа. Со новите три бода, Колумбија направи голем чекор кон пласман во нокаут-фазата на Светското првенство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс