Колумбискиот десничарски кандидат Абелардо Де Ла Есприела е новиот претседател на Колумбија, откако според прелиминарните резултати победи во вториот круг со минимална разлика од помалку од еден процент.Според речиси целосно пребројаните гласови, Де Ла Есприела освоил 49,66%, додека неговиот противкандидат, сенаторот Иван Сепеда, добил 48,70%.
Тесна изборна битка
Резултатот покажува речиси израмнета трка, а Сепеда веќе најави дека ќе ги почека конечните резултати и ќе оспори дел од гласачките места. Сепеда водеше кампања со акцент на продолжување на политиките на актуелниот претседател Густаво Петро, вклучувајќи: социјални програми и државни пензиски исплати за сиромашни, реформи на трудовото законодавство, замрзнување на нови нафтени проекти и продолжување на мировните преговори со вооружени групи.
Де Ла Есприела, кој е без претходно политичко искуство, ја водеше кампањата со остри критики кон владата на Петро, обвинувајќи ја за безбедносни и економски проблеми.
Тој најави: прекин на преговорите со бунтовнички и криминални групи, зајакнување на нафтениот и гасниот сектор, намалување на даноците и намалување на државната администрација до 40%. Иако најави поцврст курс, Де Ла Есприела изјави дека ќе задржи дел од социјалните мерки, вклучително и зголемувањето на минималната плата.
Политичка неизвесност
Аналитичарите предупредуваат дека новиот претседател ќе мора да соработува со поделен Конгрес, каде што опозицијата има значајно влијание. Дополнителен предизвик ќе биде и високиот јавен долг на земјата. Поддржувачи на новиот претседател веќе славеа во Богота и Меделин, додека конечната потврда на резултатите сè уште е во тек.