Колку чинат туристичките визи за ЕУ-граѓаните: Ова се најскапите дестинации во светот

Додека патувањето во одредени егзотични земји бара стотици евра само за влезни такси, ЕУ се подготвува за воведување на системот ETIAS кој по куса пауза ќе започне да наплаќа за секое преминување на европските граници.

Најскапите туристички визи за европските патници ги наплаќаат Гана, Бутан и Нигерија. Гана е убедливо најскапа со цена на е-виза од 260 долари (227 евра). Од друга страна, патувањето во Бутан може да чини уште повеќе во зависност од должината на престојот – иако самата виза чини 40 долари (35 евра), државата наплаќа дополнителна такса за одржлив развој од дури 100 долари (87 евра) по лице за секоја ноќ помината таму.

Нигерија исто така има високи тарифи кои се движат од 200 до 340 долари во зависност од тоа од која земја на ЕУ доаѓа пасошот. Меѓу поскапите дестинации во светот се издвојуваат Камерун со цена од 153 евра, Алжир каде визата чини меѓу 75 и 110 евра, Саудиска Арабија со околу 92 евра и Габон со 85 евра.

Јапонија е последното големо поскапување

Јапонија неодамна драстично се искачи на листата на најскапи дестинации за визен режим. На почетокот на овој месец, јапонските власти ја зголемија таксата за визи дури петкратно, односно од претходните 3.000 јени (16 евра) на дури 15.000 јени (81 евро).

За споредба со другите популарни дестинации во светот, за влез во САД се плаќаат околу 35 евра, за Египет и Кенија по околу 26 евра, додека Индонезија наплаќа околу 24 евра. Најевтини опции на листата се Индија со цена од околу 9 евра во зависност од сезоната, Нов Зеланд со околу 8 евра и Канада со симболични 4 евра.

ЕУ воведува сопствен систем за влез – ќе ги опфати и Македонците

Европската Унија се подготвува да го лансира својот нов Европски систем за информации и дозвола за патување (ETIAS). Иако првично беше најавен за крајот на 2026 година, неговото пуштање во употреба е одложено за почетокот на следната година.

Овој систем ќе биде задолжителен за патниците од земји кои моментов патуваат без визи во ЕУ, вклучувајќи ги Македонија, Албанија, Велика Британија, САД, Австралија и Канада. Дозволата ETIAS ќе чини 20 евра, ќе има важност од три години (или до истекот на пасошот) и ќе овозможува престој во ЕУ до 90 дена во кој било период од 180 дена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс