Џејмс денес има 23 години, а дијагнозата му била поставена кога имал четири. Фарел во 2024 година основа фондација која им помага на возрасни лица со интелектуални тешкотии, откако сфатил колку е ограничен системот на поддршка за семејствата, особено загрижен од фактот дека помошта во многу случаи престанува кога детето ќе стане полнолетно.
„Застрашувачка е помисла дека би ги пропуштил последните 40 или 50 години од неговиот живот, бидејќи нема да бидам тука да го водам и штитам”, изјавил актерот, свесен дека Џејмс би можел да живее подолго од него. И покрај финансиската сигурност, признава дека ни парите не ги решаваат сите проблеми.
„Мојот страв е дека, не дај боже, нешто ќе се случи на мајката на Џејмс или на мене. Тој би имал 30 или 40 години и би морал некаде да оди, а нема да има никој да му се јави, изведе надвор и одведе на ручек”, објаснил тој.
Фарел и мајката на Џејмс веќе бараат соодветно место за неговиот иден живот, иако сè уште можат сами да се грижат за него.
„Сакам да најдам место кое ни се допаѓа, каде тој може да оди сега, додека сме уште живи и здрави, место кое можеме да го посетуваме и понекогаш да го изведеме”, рече тој, нагласувајќи дека целта не е само сместување, туку заедница во која Џејмс ќе има исполнет живот, со чувство на припадност и секојдневни излети.
Фарел претходно откри дека токму Џејмс бил еден од главните причини зошто престанал да пие алкохол.
„Џејмс имаше околу две години кога се исчистив, и тој беше голем дел од причината зошто го оставив шишето. Не можев да бидам ниту пријател, а не пак татко на дете со толку потреби”, рекол тој, додавајќи дека синот го научил на трпение и поинаков поглед на животот.
Нивното секојдневие, вели Фарел, се состои од едноставни работи што ги делат татко и син, играње со топка, пливање, гледање филмови и одење на чизбургер.
„Горд сум на него секој ден, бидејќи едноставно мислам дека е волшебен”, вели актерот.