Драмскиот репертоар на 66.„Охридско лето“ на публиката ѝ ја понуди театарската
претстава „Која е Лорет“ од Флоранс Кадије, во режија на Драгана Милошевски-Попова, а во
изведба на Театарот за деца и Младинци-Скопје.
Во фокусот на приказната е Лорет, девојче со Даунов синдром, кое не е дефинирано преку
една особина, туку преку сите улоги што ги живее. Според директорката на НУ Театар за деца
и младинци-Скопје, Фросина Карловицс, претставата ги поттикнува младите да погледнат
подалеку од првиот впечаток и да го препознаат другиот во сета негова сложеност.
-„Која е Лорет“ ги повикува младите да размислуваат за тоа како го градиме сопствениот
идентитет, но и како ги гледаме другите. Лорет не е определена само од една карактеристика:
таа е ќерка, сестра, ученичка, пријателка, актерка, режисерка и сликарка. Таа е дете кое сака
да биде видено, прифатено и сакано, како и секое друго дете. Претставата испраќа порака
дека човекот не може да се сведе на етикета, дека различноста не треба само декларативно да
се прифаќа, туку вистински да се разбере и живее, вели Карловицс.
Маестралната изведба на театарската претстава „Која е Лорет“ е заслуга на актерите Ана
Левајковиќ Бошков, Мики Анчевски, Винета Дамческа Мојаноска, Петар Стојанов, Анастасија
Ласовска и Вања Стојановиќ.

-Исклучително сум задоволна и горда на актерскиот ансамбл на Театарот за деца и младинци.
Станува збор за професионалци со големо искуство, широк сценски израз и ретка способност
да комуницираат искрено со различни генерации публика. Во „Која е Лорет“ тие покажаа
особена чувствителност, дисциплина и мерка, затоа што ваквата тема не дозволува ниту
површност ниту патетика. Нивната посветеност не се гледа само во поединечните улоги, туку и
во начинот на кој функционираат како ансамбл. Токму таа меѓусебна доверба и заедничка
одговорност се меѓу најголемите сили на нашиот театар, појаснува директорката на оваа
национална установа, Фросина Карловицс.
Драматизацијата на претставата ја изработи Милена Деполо, сценографијата и
костимографијата се на Ирина Сомборац, а музиката ја компонира Сашко Костов.
Театарот за деца и младинци-Скопје е единствен театар специјализиран за програма за деца и
млади. Тоа значи дека има огромна улога во уметничкото и културното образование на
младите.
-Нашата задача е на младите да им понудиме простор во кој ќе учат самостојно да
размислуваат, да препознаваат вредности и да развиваат одговорност кон себе и кон другите.
Во време кога се изложени на огромен број брзи, фрагментирани и често агресивни содржини,
театарот им нуди нешто сосема поинакво: живо искуство, концентрација, емпатија и средба со
туѓа перспектива, додава Карловицс.
Репертоарот на Театарот за деца и младинци е разновиден и се гради според возраста,
интересите и развојните потреби на публиката, но и според уметничката вредност на
проектите. Тој опфаќа класични бајки и дела од детската литература прочитани низ современ
сценски јазик, авторски претстави што обработуваат актуелни општествени и семејни теми,
како и куклени, музички, интерактивни и младински продукции.