Праските се едно од најомилените летни овошја благодарение на нивниот сладок вкус, сочност и богатството со витамини, минерали и антиоксиданси. Тие можат да бидат дел од здравата и разновидна исхрана, но кај одредени луѓе можат да предизвикаат непријатни здравствени реакции.
Лицата кои страдаат од синдром на иритабилно црево треба да бидат особено внимателни. Праските содржат поголеми количини фруктоза и припаѓаат на храната богата со FODMAP јаглехидрати, кои кај чувствителните лица можат да предизвикаат надуеност, гасови, болки во стомакот, како и дијареја или запек. Наместо целосно да ги исфрлат од исхраната, експертите препорачуваат нивното внесување да се прилагоди според индивидуалната подносливост.
Праските не се препорачуваат ниту за лица кои имаат алергија на коскесто овошје, во кое спаѓаат и кајсиите, сливите и нектарините. Дури и мала количина може да предизвика алергиска реакција, која најчесто започнува со чешање во устата и грлото, пецкање на јазикот или отекување на усните, лицето и грлото.
Кај здравите луѓе праските претставуваат хранливо и безбедно овошје, но и во овој случај се препорачува умерена консумација. Поголеми количини можат да предизвикаат дигестивни непријатности поради природните шеќери што ги содржат. Нутриционистите советуваат дневниот внес да не надминува три праски со средна големина.