Министерството за внатрешни работи објави Кодекс за облекување за вработените и за странките кои доаѓаат во објектите на Одделот за граѓански работи. Новите правила важат за граѓаните кои доаѓаат за сликање, подигање лични документи, пасоши или други административни услуги.
Од МВР појаснуваат дека истите правила важат и за вработените и за странките, со цел да се одржи професионален стандард, дигнитет на институцијата и меѓусебна почит.
Како неприфатлива облека при влез во службените простории се наведуваат премногу кратки и тесни здолништа, здолништа несоодветни за институција, како и куси панталони дизајнирани за плажа или спортски настани.
Не е дозволена ниту облека што прекумерно го открива стомакот, градите или долната облека, како и облека што вообичаено се користи дома, на плажа или во ноќни клубови.
Во кодексот се наведува дека несоодветни се и тренерки и облека наменета исклучиво за спортски активности, како и облека со навредлива содржина, односно текстови, слики или амблеми што можат да бидат навредливи за околината.
МВР како несоодветни обувки ги наведува влечките, папучите, кломпите, наланите и апостолките.
Од Министерството велат дека како институција која е постојан сервис на граѓаните, сметаат дека соодветното облекување придонесува за подобра работна атмосфера и за почитување на државните институции.
„Во таа насока, ги замолуваме сите граѓани пред доаѓање во нашите простории, за подигнување лични документи, пасоши или други административни услуги, да се погрижат нивниот изглед да биде во рамките на општоприфатените норми за јавни институции“, соопшти МВР.
Оттаму дополнуваат дека и сите вработени во Одделот се задолжени доследно да го почитуваат утврдениот кодекс за облекување наменет за вработените во Министерството.