„Не ни ја коцкајте иднината“, младите бараат систем што ќе ги штити

Младинските активисти преку герила-акција во Скопје алармираат за нормализацијата на игрите на среќа и бараат системска заштита.

Четвртина од средношколците на возраст од 15 и 16 години во Северна Македонија се коцкале за пари во изминатата година, покажуваат податоците од националното истражување ЕСПАД 2024. По повод Меѓународниот ден на младите, 12 август, ХЕРА Млади и Иницијативата „Фрли ја коцката!“ организираа герила-акција во Скопје, барајќи итни мерки за заштита на младите од сè поприсутната нормализација на коцкањето и обложувањето.

Националното истражување ЕСПАД 2024 открива дека 25% од учениците на возраст од 15 до 16 години се коцкале за пари во последните 12 месеци. Оваа појава е поизразена кај момчињата (34%) во споредба со девојчињата (16%).

Уште позагрижувачки е фактот што уделот на проблематично коцкање кај оваа популација се зголемил од 4,5% во 2019 година на 7,6% во 2024 година.

Младинската невработеност кај лицата од 15 до 29 години изнесува 23,6%, додека податоците од Студијата за млади на Фондацијата „Фридрих Еберт“ покажуваат дека 45,3% од вработените млади не работат во струката. Дополнително, дури 67,7% од младите изразуваат желба за иселување поради нискиот животен стандард, корупцијата и недостатокот на можности.

Активистите предупредуваат дека во вакви услови, агресивното рекламирање на казина, обложувалници и онлајн платформи создава опасна илузија за лесен излез од финансиските проблеми.

Светската здравствена организација посочува дека последиците од коцкањето надминуваат само финансиски загуби и вклучуваат нарушени социјални односи, депресија, анксиозност и зголемен ризик од суицидалност.

Истражувањата на Универзитетската клиника за психијатрија во Скопје покажуваат дека речиси 30% од адолесцентите во земјата се соочуваат со умерени до тешки депресивни симптоми, а 42,1% со анксиозност, што го прави преклопувањето со коцкањето дополнително ризично.

ХЕРА Млади и „Фрли ја коцката!“ упатија пет клучни барања до институциите:

  • Доследна контрола и почитување на оддалеченоста на објектите за коцкање од училиштата.
  • Строга забрана и контрола на рекламирањето, посебно на интернет и социјалните мрежи.
  • Ефикасна верификација на возраста за да се спречи онлајн коцкање на малолетници.
  • Вклучување на финансиската писменост и превенцијата од зависности во образовниот систем.
  • Бесплатни и доверливи услуги за психолошка поддршка за млади кои се соочуваат со зависност.

Младите порачаа дека наместо илузија за брза добивка, им се потребни квалитетно образование, сигурни работни места, културни содржини и достапна здравствена поддршка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс