Денес со почеток во 19 часот, во Српскиот културно-информативен центар „СПОНА“ (бул „Св. Кирил и Методиј“ бр. 30, Скопје) ќе се одржи книжевна вечер со еден од најзначајните македонски писатели на XX и XXI век, Венко Андоновски.
Средбата е посветена на српското издание на неговиот култен роман „Вештица“ објавено минатата година. Ова е веќе трето издание на овој култен роман во превод на српски јазик. Првите две беа објавени во Бања Лука, во превод на Гордана Јовиќ-Стојковска, а ова е прво издание на територијата на Република Србија. Издавач е „Кораци“ од Крагуевац, а преводот е на Љиља Цревар.
На настанот, со свои видувања за романот „Вештица“ ќе се вклучат и истакнатите српски писатели и критичари Мирко Демиќ и Владимир Б. Периќ, уредник на списанието за книжевност, уметност и култура „Кораци“, којшто е и автор на поговорот на српското издание објавено во 2024 година, а свои излагања ќе имаат и претставници на издавачките куќи.
Во рамките на средбата ќе се оствари и разговор со Андоновски, во којшто со прашања ќе може да се вклучат и присутните.
Модератор на книжевната вечер ќе биде Иван Антоновски. Со оваа книжевна вечер, Српскиот културно-информативен центар „СПОНА“ почнува нов циклус средби и работилници „ПАРАЛЕЛИ И СИНТЕЗИ: Рецепцијата на современата македонска книжевност“, а во фокусот се дела од современи македонски автори што изминативе години се објавени и во Република Србија во превод на српски јазик.