ЕУ со повик на воздржаност во Косово

Властите имаат одговорност да ја обезбедат безбедноста на сите заедници и жители низ целото Косово“, изјави портпаролот на ЕК Гијом Мерсие

Европската Унија денес ги повика сите страни и актери во Косово на воздржаност, по првостепената пресуда против поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово, Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи.

„Специјализираните совети и Специјализираното обвинителство мора да можат да го извршуваат својот мандат без мешање. На правдата мора да ѝ се дозволи да си го прави својот тек, што е особено важно за жртвите. Властите имаат одговорност да ја обезбедат безбедноста на сите заедници и жители низ целото Косово“, изјави портпаролот на Европската комисија, Гијом Мерсие, објави Радио Слободна Европа.

Тој изјави дека ЕУ ја забележала првостепената пресуда и нагласи дека специјализираните совети на Косово ја спроведуваат правдата преку фер, непристрасни и независни судски постапки, врз основа на принципот на индивидуална кривична одговорност.

Осудените лица имаат право да поднесат жалба на пресудата пред независни судии за жалби во рамките на посебен Жалбен совет, додаде Мерсие.

е-Трн да боцка во твојот инбокс