Издавачката куќа „Чудна шума“ ги поканува љубителите на пишаниот збор и хубавиот звук на последниот настан од серијата езерски книжевни вечери во Охрид. Настанот ќе се одржи на 15 август со почеток во 20 часот, во дворот на Куќата на Робевци – музејско-културниот центар Лапидариум. На програмата се претставувања на два графички романи од европската едиција „Планета НАДЕЖ“, промоција на новата поетска книга од Бојана Низамовска и акустичен концерт на скопскиот состав „Џун“ (June).
Вечерта започнува со презентација на два наслови од проектот „Планета Надеж (Нова европска проза)“, кој е кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. Читателите ќе имаат можност да се запознаат со графичкиот роман „Вечната мува“ од Георги Господинов и Никола Тороманов, во превод од бугарски јазик на Душко Крстевски. Покрај него, ќе биде претставен и графичкиот роман „Адна“ од словенечката авторка Самира Кентриќ, преведен од словенечки јазик од Дарко Спасов.
Во вториот дел од вечерта следува промоција на книгата „Друго е на сонце!“, збирка песни на Бојана Низамовска придружена со илустрации на Руки Чуки. Разговорот со авторката ќе се фокусира на носталгијата, летните спомени и иронијата преплетена низ нејзините стихови.
Културната вечер ќе ја заокружи скопскиот инди-поп бенд „Џун“, кој повеќе од една деценија настапува на домашната музичка сцена со препознатлив свеж акустичен звук.