Регионалниот книжевен избор „Штефица Цвек“ го објави поширокиот избор за своето петто издание за 2026 година. Првата жири-комисија избра 29 книги кои продолжуваат во вториот круг на селекцијата. Во процесот беа номинирани вкупно 158 дела објавени во текот на 2025 година, а по првичната проверка на критериумите, 82 книги влегоа во фаза на оценување.
Селекција заснована на преиспитување на општествените норми
Жири-комисијата, составена од Ања Томљеновиќ, Хана Вранац, Емилија Љутиќ, Катица Максан, Дафина Веселиноска и Александра Петровиќ, ги оценуваше делата според стилската инвентивност, книжевната убедливост и нивната способност за критичко преиспитување на доминантните општествени наративи. Од вкупниот почетен корпус, 35 отсто од книгите го поминаа првиот филтер.
Овогодинешната продукција на БХСЦ (босански, хрватски, српски, црногорски) и македонски јазик опфаќа теми поврзани со патријархатот, родовото насилство, квир искуствата, екологијата, капитализмот и миграциите. Жирито забележа зголемен стремеж кон книжевна игра и формално истражување, каде што се преплетуваат документарни постапки, автобиографии, фантастика и сатира.
Седум македонски автори во поширокиот избор
Меѓу 29-те селектирани книги се наоѓаат и седум дела од македонски автори и издавачи. Во трка за признанието остануваат Андреј Медиќ Лазаревски со „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, Хана Корнети со „Каде леташ, Јулија?“, како и Стефан Алијевиќ со делото „Наназад“.
Во вториот круг се пласираа и Ника Гавровска и Ѓоко Гавровски со „Памук“, Љупчо Петрески со „Потклек“, Филипа Сара Попова со „Скршен терариум“, како и Лидија Димковска со нејзината книга „Тринаесеттиот“. Според жирито, избраните книги успешно го поврзуваат личното искуство со структурните општествени односи.
Прогласување на есен
Процесот продолжува во текот на летниот период, кога второто регионално жири со претставници од конзорциумот ќе го избере потесниот избор на книги. Добитниците на книжевниот избор „Штефица Цвек“ ќе бидат официјално прогласени на есен оваа година.
Зад организацијата на овој избор стои Коалицијата МАРГИНИ, која дејствува во име на партнерите „Бунтовни читателки“ од Србија, „Букса“ од Хрватска и „Нараториум“ од Босна и Херцеговина.