Книга за деца од Коста Милков и изложба на Владимир Илиевски во „Метаноја“

Промоцијата на романот „Создавањето на златниот свет“ во Скопје ќе биде заокружена со оригиналните детски илустрации на Илиевски.

Книжевно-уметнички настан со промоција на новата книга за деца од Коста Милков и отворање изложба на илустрации од Владимир Илиевски ќе се одржи вечерва, 17 септември, во просториите на „Метаноја“ на улицата „Максим Горки 19“ во Скопје, со почеток во 19 часот. Настанот го обединува книжевното творештво за најмладите со ликовниот израз создаден токму за страниците на романот.

Настанот ќе го отвори директорката на „Метаноја“, м-р Нада Милкова, која е уредник на изданието и авторка на идејната визија за двата досегашни детски романи од оваа серија.

За новата книга говор ќе одржи рецензентката Оливера Ќорвезироска, која го води промотивниот дел. Таа во својата рецензија посочува дека приказната функционира на неколку рамништа:

„’Златен свет’ е романескна парабола за борбата помеѓу доброто и злото, која во себе собира многу знаења од различни области и пак останува место за топла, универзална приказна и за мали и за големи… Алузиите и предлошките за настанувањето на светот, …ја раслојуваат приказната на повеќе нивоа, па секој потенцијален читател може да ‘одбере’ слој по сопствена мерка.“

Пред публиката ќе се обрати и Габриела Милкова-Робинс, авторка на предговорот насловен како „Белешка од ќерката“. Таа го лоцира дејството во веќе познатиот универзум од претходното дело, најавувајќи патување низ времето каде главен столб на отпорот е ликот Платнар.

„Ве поканувам вас, деца, како и вас, ‘големи деца’, уште еднаш да зачекориме во ‘Златниот свет’ и да учествуваме во најбунтовниот чин на ова време: да не станеме рамнодушни и да останеме љубопитни“, порачува Милкова-Робинс во белешката.

Ликовниот сегмент од вечерта ќе ѝ овозможи на публиката директен поглед во визуелниот свет на приказната преку изложените оригинални дела на академскиот сликар и илустратор Владимир Илиевски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс