„Клупа“ и „No Skate!“ со главните награди на ЅИРНИ, публиката го избра „Езерото“

„No Skate!“ беше издвоен за искреното и тивко набљудување на секојдневието и за доловувањето на малите човечки моменти среде вревата на Париз.

„Клупа“ во режија на Трифун Ситниковски ја доби наградата за најдобар филм во националната официјална селекција на осмото издание на фестивалот на филм и музика ЅИРНИ. Во меѓународната конкуренција победи „No Skate!“ од Гил Села, додека публиката за свој фаворит го избра студентскиот филм „Езерото“ на Софија Христовска.

Жирито го награди „Клупа“ за реалистичниот приказ на меѓугенерациските односи и за хумористичниот пристап кон стереотипите. Во образложението ја истакна приказната во која балканскиот темперамент и експлозивноста произлегуваат од чувство на вистинска љубов, овозможувајќи му на гледачот да препознае дел од себе.

„No Skate!“ беше издвоен за искреното и тивко набљудување на секојдневието и за доловувањето на малите човечки моменти среде вревата на Париз.

Специјално признание во меѓународната официјална селекција доби „Nestling“ во режија на Георги Мартев. Жирито го истакна чувствителниот пристап кон тагата од детска перспектива, поетскиот визуелен јазик и атмосферата во која загубата се изразува преку слики, тишина и набљудување.

За наградите во официјалната селекција одлучуваа актерката Сара Климоска, Дарко Набаков, извршен директор на „Македокс“, и Василис Терзопулос, главен програмер на меѓународната селекција на фестивалот за краток филм ДРАМА.

Во националната студентска селекција наградата за најдобар филм му припадна на „Борби со ветерници“. Во образложението беше нагласен документарниот пристап кон младите луѓе заборавени од општеството и кон напорите да им се обезбеди креативен простор за изразување преку уметноста.

Најдобар меѓународен студентски филм е „Мајка на еден син“ („Mother of a Son“) на Кевин Кох. Жирито го пофали зрелиот филмски израз, обработката на чувствителна тема преку чувството на вина и грижа на совест, како и фотографијата снимена на 16-милиметарска лента.

Студентското жири додели и специјално признание на „Сè уште трчаме“ („Still Running“) во режија на Матија Штифаниќ, за документарниот поглед кон генерација која својот пат и издржливост ги претвора во порака.

Во ова жири членуваа актерката Тамара Ристоска, снимателот Атанас Велковски и режисерот Игор Христов.

Наградата од публиката ја доби „Езерото“ во режија на Софија Христовска, соопшти тимот на „Котур“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс