Клод веќе не е само четбот: ВИ сега може да ви прави документи, презентации и табели

Антропик го спојува разговорот со агентските функции на Клод во еден интерфејс – документите и презентациите можете да ги уредувате и извезувате во Ворд, Гугл документс, ПаурПоинт или ПДФ.

Клод добива голема промена: наместо само да разговара со вас и да дава одговори, ВИ-асистентот сега може директно во разговорот да создава документи, презентации и други материјали. Антропик ги спојува досегашните одделни функции во единствен интерфејс, со идеја корисникот да не мора да размислува во кој режим треба да ја изврши задачата.

Новата функција „Клод Документс“ овозможува корисникот едноставно да побара создавање документ во текот на разговорот. На пример, може да побара едностраничен преглед на одредена тема, а Клод ќе го генерира и прикаже директно во прозорецот за разговор.

Документот по автоматизам е приватен, но може да се сподели со колеги. Може да се уредува директно во Клод, а потоа да се извезе и отвори во Гугл документс или Мајкрософт Ворд.

Презентација без напуштање на разговорот

Антропик ја проширува истата логика и на презентациите. Наместо корисникот да отвора посебен простор за визуелна работа, може едноставно во разговорот да побара од Клод да креира презентација. Слајдовите се појавуваат директно во интерфејсот, каде што можат да се уредуваат, а потоа да се извезат како ПаурПоинт или ПДФ.

Ова значи дека задачата може да започне со обично прашање, а да заврши со готов документ или презентација без корисникот да преминува меѓу различни алатки.

„Cowork“ и „Artifacts“ стануваат еден Клод

Антропик истовремено ги спојува „Cowork“ и „Artifacts“ во единствено опкружување. „Cowork“ е агентски режим на Клод наменет за задачи што бараат повеќе чекори. На пример, може да прочита деловни документи, да ги анализира информациите и потоа да создаде документ, презентација или табела.

„Artifacts“, пак, се содржините што Клод ги создава од документи и дијаграми до HTML веб-страници – и кои можат да се зачуваат во страничната лента за подоцнежна употреба. Од Антропик велат дека одделувањето на овие функции понекогаш ги збунувало корисниците, особено кога работата започната во еден простор не можела директно да се продолжи во друг.

Затоа компанијата сега ги обединува функциите под концептот „One Claude“. Според Антропик, Клод треба сам да процени што бара одредена задача и да ги активира потребните можности – без корисникот однапред да мора да знае дали треба да користи „Cowork“, „Design“ или друг режим.

Новите функции постепено ќе се воведуваат во наредните недели за претплатниците на пакетите Pro и Max на веб, десктоп и мобилни платформи. Корисниците на Team и бесплатните пакети ќе ги добијат функциите подоцна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс