Климатските промени ни го крадат сонот: Жешките ноќи стануваат сè поопасни

Растот на ноќните температури тивко го уништува квалитетот на спиењето на глобално ниво, при што просечниот човек сега губи речиси една недела сон годишно. Најновата студија покажува дека тропските ноќи двојно ги зголемиле ваквите негативни ефекти во споредба со седумдесеттите години. Ваквиот тренд остава сериозни последици врз кардиоваскуларното здравје и имунитетот, особено кај постарите лица и жените.

Порастот на ноќните температури, предизвикан од климатските промени, започна ефикасно и незабележливо да го намалува времето за спиење кај луѓето ширум светот. Најновите анализи покажуваат дека во периодот меѓу 2020 и 2025 година, зголемената топлина му скратила на просечниот човек речиси 56 часа сон годишно. Ова изнесува седум целосни ноќи изгубен одмор во текот на една година.

Овој феномен се должи на сè почестите тропски ноќи, при кои термометарот не се спушта под 20 Целзиусови степени, оставајќи го човечкиот организам под постојан физички притисок. Истражувањето на организацијата „Климат Сентрал“, кое опфати повеќе од 1.300 градови во светот, потврдува дека ваквото губење на сонот поврзано со климата е двојно зголемено во споредба со почетокот на седумдесеттите години од минатиот век.

Најтешко погодени се жителите на Блискиот Исток и Југоисточна Азија, каде луѓето поради жештините во просек губат меѓу 55 и 91 час сон годишно. Иако екстремно топлите ноќи претставуваат глобален предизвик, последиците не се рамномерно распределени низ различните континенти, па дури ни во рамките на самата Европа.

Југот на европскиот континент го поднесува најголемиот товар во овој поглед. Граѓаните на Неапол изминативе пет години губеле по 51 час сон годишно поради неподносливата ноќна топлина. Слична е состојбата и во другите медитерански центри, каде жителите на Атина остануваат без 45 часа сон годишно, оние во Валенсија без 42 часа, додека во Лисабон и Марсеј загубата изнесува 40 часови.

Овој климатски притисок сепак не ги поштедува ниту северните земји каде температурите традиционално се пониски. Граѓаните во Единбург поради топлите бранови губат по 21 час сон, во Стокхолм и Хелсинки по 20 часа, додека најмал, но сепак видлив ефект е забележан во норвешката престолнина Осло со кратење од 18 часа годишно.

Здравствените експерти со право алармираат бидејќи ноќниот одмор е клучен за регенерација на телото и правилно функционирање на организмот во текот на денот. Кога температурите во спалните соби не паѓаат под критичното ниво, телото не успева да се одмори и останува во состојба на константен стрес. Тоа директно го загрозува менталното здравје, ја намалува продуктивноста и ги зголемува ризиците од кардиоваскуларни заболувања и пад на имунитетот.

Проблемот дополнително се усложнува со забрзаниот раст на урбаните средини каде бетонот и асфалтот создаваат таканаречени „топлински острови“ кои дополнително ја задржуваат топлината во текот на ноќта. Бидејќи губењето на сонот се акумулира со денови, дури и малите температурни промени може да станат опасни во текот на летото. Ваквиот ефект е исклучително опасен за повозрасните граѓани над 65 години, жените и населението во посиромашните земји кои немаат пристап до соодветни системи за ладење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс