Климатските промени ја забавуваат Земјата: Деновите стануваат подолги, предупредуваат научниците

Нова студија открива дека климатските промени и топењето на поларниот мраз ја забавуваат ротацијата на Земјата, што постепено ја продолжува должината на денот.

Климатските промени не влијаат само врз температурите и нивото на морето, тие сега ја менуваат и брзината со која се врти Земјата, покажува нова научна студија. Според истражувањето на научници од Универзитет во Виена и ETH Zurich, топењето на поларните ледени покривки и глечери предизвикува прераспределба на огромни количества вода од половите кон океаните и екваторот, што постепено ја забавува ротацијата на планетата.

Научниците објаснуваат дека процесот е сличен на лизгачка на мраз која ги испружува рацете при вртење – кога масата се оддалечува од центарот, ротацијата се успорува. Истражувањето покажува дека денешната брзина со која се продолжува должината на денот е речиси без преседан во последните 3,6 милиони години од геолошката историја на Земјата.

Според анализите, должината на денот моментално се зголемува за околу 1,33 милисекунди на век. Иако ова изгледа како минимална промена, научниците предупредуваат дека зад неа стојат огромни прераспределби на маса на планетарно ниво.

За да ги утврдат овие промени, истражувачите анализирале фосилизирани остатоци од морски организми наречени бентосни фораминифери, чии лушпи содржат информации за древните промени на нивото на морето и движењето на Земјата. Со помош на алгоритми за машинско учење, тие успеале да реконструираат промени во ротацијата на Земјата во период од 3,6 милиони години наназад, при што современиот период јасно се издвојува како исклучително брз.

Научниците предупредуваат дека во сценарија со високи емисии на штетни гасови, климатските промени до крајот на векот би можеле да станат еден од главните фактори што влијаат врз должината на денот, заедно со гравитациското влијание на Месечината. Иако овие промени не можат директно да се почувствуваат во секојдневниот живот, тие се важни за системи што зависат од исклучително прецизно мерење на времето, како GPS навигацијата и сателитските технологии.

е-Трн да боцка во твојот инбокс