Научници предупредуваат: Клима-уредите не се најдоброто решение за жештините

Ново истражување покажува дека подобро проектираните згради, природната вентилација и современите материјали можат значително да ја намалат потребата од користење клима-уреди.

Ново истражување покажува дека подобро проектираните згради и природното ладење можат значително да ја намалат потребата од користење клима-уреди и потрошувачката на енергија.

Клима-уредите се незаменливи за време на летните горештини, но научниците предупредуваат дека нивната сè поголема употреба дополнително ја зголемува потрошувачката на електрична енергија и придонесува за климатската криза. Наместо да бидат прв избор, тие треба да се користат само кога другите решенија не се доволни.

Истражување објавено во научното списание Nature Reviews Clean Technology посочува дека многу поефикасен пристап е да се спречи топлината воопшто да навлезе во објектите. Тоа може да се постигне со засенчување, подобра природна вентилација, материјали што ја одбиваат сончевата топлина, зелени покриви и современи градежни технологии.

Според податоците на Меѓународната агенција за енергија, клима-уредите и вентилаторите веќе трошат околу 10 проценти од светската електрична енергија, а оваа бројка ќе продолжи да расте поради сè потоплите лета.

Авторите на студијата сметаат дека со комбинирање на современи технологии за пасивно ладење, потребата од користење клима-уреди може да се намали и до 80 проценти, а во урбаните средини да се намали и температурата на околината.

Истражувачите нагласуваат дека ладењето на домовите не смее да стане привилегија само за оние што можат да си дозволат високи сметки за струја. Затоа, подобро дизајнираните и енергетски ефикасни згради треба да станат стандард во идната градба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс