„Уште еден чекор, и оживуваме“: просторна инсталација на Клелија Живковиќ во Приватен принт

Изложбата го истражува пишувањето како метод на себеспознание, отпор и заедништво, а ќе биде отворена со разговор меѓу Душица Лазова и уметницата.

Просторната инсталација „Уште еден чекор, и оживуваме“ на трансдисциплинарната уметница Клелија Живковиќ ќе биде отворена на 7 мај во студиото „Приватен принт“ во Скопје. Програмата започнува во 18 часот со уметнички разговор меѓу Душица Лазова и уметницата, а отворањето на изложбата е закажано за 19 часот. Публиката ќе може да ја погледне изложбата до 28 мај.

Инсталацијата го истражува оживувањето како радикална форма на отпор, како отелотворен одговор на системите што функционираат преку угнетување, наследен срам и емоционално потиснување. Во фокусот на делото е пишувањето, кое Живковиќ го користи како еден од своите најзначајни творечки методи.

Во просторот на студиото, извадоци од дневници, белешки од истражувачки процеси и фрагменти од проектни апликации создадени во изминатите пет години се трансформираат во визуелна читачка соба. Делото го поставува писмото како метод на себеспознание, а пишувањето како чин на заедништво, отворање и поврзување со другоста.

Клелија Живковиќ е трансдисциплинарна уметница од Скопје, родена во 1989 година. Нејзината практика се движи низ теоретски, материјални и искуствени истражувања на границите, физички, психолошки, емоционални и спиритуални бариери преку кои луѓето се разбираат себеси како суштества што заземаат простор и воспоставуваат врски со своето опкружување.

Изложбата е дел од групната изложба „Светло минато е пред нас“, курирана од Илија Прокопиев и Марија Христова, која првично беше создадена и поставена во галеријата „Шкуц“ во Љубљана во јуни 2025 година. Во 2026 година, проектот се сели во студиото „Приватен принт“ како дисперзирана програма од пет мали самостојни изложби во текот на годината.

Програмата на уметнички разговори е курирана од Јана Старделова и организирана во соработка со Tiiiit! Inc. Skopje, со поддршка од Kvinna till Kvinna и Амбасадата на Шведска во Скопје. Изданието на „Светло минато е пред нас“ во 2026 година е кофинансирано од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија и Амбасадата на Шпанија во Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни