Бројот на нови пациенти со стомачни тегоби во Гостивар е преполовен во однос на саботата, кога беше достигнат врвот на епидемијата, соопшти министерот за здравство Сашо Клековски по посетата на Општата болница во Гостивар. Според него, во последните 24 часа биле регистрирани 293 нови случаи, а намалувањето најверојатно е резултат на мерките што ги презедоа здравствените власти и исклучувањето на сомнителните извори на вода.
„Препорачаните мерки за населението и исклучувањето на сомнителните извори го даваат посакуваниот резултат“, изјави Клековски.
Министерот информираше дека досега се изготвени околу 500 извештаи за заразни заболувања и 192 епидемиолошки анкети, со цел да се утврди точната хронологија на ширењето на заразата. Во меѓувреме, Институтот за јавно здравје земал девет нови примероци од водата од чешми, градинки, Општата болница, верски објекти и домаќинства со повеќе заболени. Прелиминарните резултати се очекуваат во текот на утрешниот ден и ќе бидат основа за евентуално менување на препораките за граѓаните.
Клековски соопшти дека болницата во Гостивар ќе добие дополнителни количини лекови и суплементи за лекување на пациентите.
Во однос на можноста за појава на хепатитис, министерот нагласи дека засега нема регистриран ниту еден случај.
„Во моментот нема ниту еден со хепатитис. Сите примероци се анализираат и на Клиниката за инфективни болести, а сите заболени ќе останат под епидемиолошки надзор“, рече Клековски.
Тој додаде дека ќе се испита и начинот на кој бил вршен надзорот на квалитетот на водата во претходниот период, но оцени дека за утврдување евентуална одговорност е потребна целосна и објективна анализа.