Кинематографите од фестивалските програми на 47. Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ денеска во Битола споделија детали за своите авторски предизвици. Ребека Дињ, Максим Катари, Паул Шпенгеман и Луис Лустерман, заедно со продуцентката Ромина Орсини, зборуваа за градењето доверба пред објективот, високите пустински температури и работата на класична филмска лента.
Документарната програма претстави два различни пристапи кон реалноста преку филмовите „Босоногата Марија“ и „Магарешка убавина“, прикажани во киното „Манаки“.
Ребека Дињ, која за првпат истовремено работи како режисерка и кинематографка на „Босоногата Марија“, објасни дека клучот бил во воспоставувањето близок однос со протагонистот.
„Сите одлуки за филмот ги донесов интимно, сакав желбата да ја прикажам преку филмот како предмет. Кога снимаме документарен филм, особено кога снимаме од детска перспектива тоа е уште поголем предизвик за да се долови неговата перспектива, таа на детето. Јас и ја покажав и камерата за да има претстава како работи и да сфати како ќе снимаме“, рече Дињ.
Кај филмот „Магарешка убавина“, камерата бележи семејна приказна која станува дел од колективната меморија на едно село. Кинематографот Максим Катари посочи дека екипата свесно ги прекршила границите меѓу жанровите.
„Она што требаше да го снимиме како документарен дел одлучивме да го снимиме како фикција, а она што требаше да биде фикција да ја оставиме камерата и да оставиме самото да се случи“, рече Катари. Тој додаде дека на сетот имале дополнителна камера што го снимала процесот на снимање, а локалното население масовно се вклучило во раскажувањето.

Во натпреварувачката програма Камера 300 беше прикажан филмот „До крајот на денот“. Кинематографот Паул Шпенгеман рече дека проектот се развивал динамично, паралелно со општествените случувања.
„За студентските протести во Србија се заинтересиравме двајцата и бидејќи секојдневно таму нешто се случуваше и постојано го менувавме сценариото. Се подготвивме многу прецизно за снимање бидејќи поради малиот буџет имавме само 20 дена за снимање“, изјави Шпенгеман.
Тој додаде дека универзалната порака на протестите му помогнала целосно да се поврзе со материјалот и покрај тоа што не е од Белград.
Краткометражната селекција донесе приказни снимани во екстремни просторни и технички услови. За филмот „Како лек“, во кој девојче бара лична карта низ песочни дини за да се запише на Пекиншката академија за опера, кинематографот Луис Лустерман се соочил со временски и атмосферски притисок.

„Високите температури се опасност за камерите и моравме да внимаваме, а имавме и само два дена за снимање во пустината и тоа ни беше притисок, но сепак уживав во работата“, рече Лустерман, нагласувајќи дека сакале да доловат чувство на изолираност и потрага по слобода.
Филмот „Неколку нешта што се случуваат покрај реката“ ја третира приказната за безживотно тело што плови низводно, додека околината останува рамнодушна. Продуцентката Ромина Орсини објасни дека естетиката ја дефинирале заедно со кинематографката Марта Симоеш, добитничка на Мала златна камера 300 од претходно фестивалско издание, и режисерот Даниел Соареш.
„Одлучивме да снимаме со филмска лента за внимателно да ја доловиме приказната. Повеќе сцени се снимаа од далеку, да не прикажуваме премногу детали“, посочи Орсини.